Руското министерство за одбрана во саботата порача дека борците на прватната воена компанија „Вагнер“ биле измамени да бидат втурнати во криминална авантура и ги повика да се откажат од вооружениот бунт, откако челникот на компанијата Евгениј Пригожин порача претходно во саботата дека неговите борци и тој се подготвени да „умрат за татковината и ослободување на рускиот народ од актуелното воено водство“.
„Подготвено сме да умреме, сите ние 25.000. Затоа што гинеме за татковината, гинеме за рускиот народ кој мора да биде ослободен од оние кои го бомбардираат цивилното население“, вели Пригожин во нова аудио порака на Telegram, пренесе Reuters.
Станува збор за негов одмазнички поход против рускиот воен врв со кој е во особено жесток конфликт последните месеци. Реакциите на Пригожин доаѓаат и откако претходно седмицава беше донесен закон за склучување директни договори за служење во руските воени сили дури и на осудувани лица директно со Министерството за одбрана, а некои одредби се сметаат дека се на штета на приватните паравоени формации, вклучително и „Вагнер“.
Пригожин во претходна порака тврдеше дека борците на „Вагнер“ собориле руски воен хеликоптер кој наводно отворил оган врз колона цивили, но не ги навадува поединости како што е локацијата на тој наводен случај. Западните агенции AFP и Reuters кои ја пренесоа изјавата на Пригожин наведуваат дека не можеле да го проверат неговото тврдење.
Челникот на „Вагнер“ го обвини рускиот воен врв за „уништување“ на неговите борци и вети дека ќе му се одмазди, по што руската внатрешна разузнавачка агенција Федерална служба за безбедност (ФСБ) отворила кривична постапка против него поради поттикнување на вооружен бунт. Пригожин, наведува, без да изнесе докази, дека воениот врв убил голем број негови борци во воздушен напад, што официјалните ресори во Москва го отфрлија.
Се обрати воениот врв, се чека обраќање на Путин
„Им се обраќаме на борците на одредите на ПВК ‘Вагнер’. Измамени сте во криминалната авантура на (Евгениј) Пригожин и учество во вооружен бунт. Многу ваши соборци од неколку одреди веќе ја сфатија својата грешка, барајќи помош во обезбедувањето можност за безбедно враќање на местата на постојано распоредување“, соопши во саботата рано претпладнето руското Министерство за одбрана.
Од таму истакнуваат дека на сите борци и команданти кои се јавиле веќе им била укажана целата неопходна поддршка за безбедност.
„Бараме да покажете претпазливост и да стапите во контакт со претставниците на руското Министерство за одбрана или со органите на редот што е можно поскоро. Ние гарантираме безбедност за сите“, истакнува руската војска.
Рускиот претседател Владимир Путин наскоро во саботата претпладнето ќе се појави во јавноста со обраќање до нацијата, објави портпарлот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Истовремено со порака до борците на „Вагнер“ се обрати и влијателниот руски генерал Сергеј Суровикин кој командуваше со руските единици во борбите против Исламската држава во Сирија и од ланската зима ги презема операциите на фронтот во Украина.
Суровикин во видео-објава на социјалните мрежи вели дека специјално за овие случувања се вратил од линијата на фронтот.
„Штотуку пристигнав по наредба на водството на министерството за одбрана од линијата на фронтот. Таму каде што нашите трупи, нашите команданти, нашите војници, нашите борци, доброволци ги извршуваат задачите, до смрт се борат со супериорни непријателски сили, трпат загуби но ги зачувуваат своите позиции“, вели Суровикин..
Ги повикува борците и командантите на „Вагнер“, за кои вели дека исто така се „војници“ и оти сите се „од иста крв“ кои „заедно ризикувавме, трпевме загуби и победивме“ да престанат со бунтовнички дејствија.
„Непријателот само чека влошување на внатрешнополитичката состојба кај нас. Не можете да бидете марионети во рацете на непријателот во ова тешко време за земјата“, порачува Суровикин до борците на „Вагнер“ повикувајќи ги да се потчинат на наредбите на претседателот Путин.
„Пред да биде предоцна, потребно е и неопходно да го сторите следното: да ја послушате волјата и наредбата на претседателот на Руската Федерација избран од народот, да се запрат колоните, да се вратат на своите позиции…. Решете ги сите проблеми со мирни средства под водство на Врховниот командант на вооружените сили…“, рече Суровикин.
Засилени безбедносни мерки во Москва и делови од Русија
Во руската престолнина Москва се заострени безбедносните мерки, пренесуваат руските новински агенции, во прв ред во близина на најважните владини локации и инфраструктурата.
Властите на јужниот регион Вороњеж објавија дека ситуацијата е под контрола и дека се преземаат безбедносни мерки. Го повикаа населението да го избегнува автопатот М4 кој го поврзува овој јужен регион со главниот град Москва, бидејќи, како што тврдат, воен конвој се движи по таа сообраќајница.
Гувернерот на рускиот регион Ростов, на границата со Украина на истокот, ги повика жителите да останат во своите домови, објави BBC во саботата, откако Пригожин во саботата објави дека со своите борци минал од Украина во Русија.
„Моменталната ситуација бара максимална концентрација на сите сили за одржување на редот. Ве молам сите за смиреност, не ги напуштајте ги домовите без итна потреба“, вели гувернерот Василиј Голубев на Telegram.
Во грдот Ростов на Дон, седиште на регионот, веќе се распоредени воени возила, според снимките на руската агенција ТАСС.
Гевернерото на рускиот регион Липецк, околу 420 километри јужно од Москва, најави во саботата „засилени безбедносни мерки“ како одговори на најавениот вооружен бунт на приватната војска „Вагнер“.
„Посебно внимаени да се посвети на заштитата на критичната ифраструктура“, напиша на Telegram Игор Артамов и ги повика жителите да „останат мирни“ и да се воздржат од патувања кон југот.