
Американскиот претседател Џо Бајден во понеделникот рече дека кусотрајниот бунт на привантата воена формација „Вагнер“, како што тврдеше против Кремљ, е дел од судирот во рамките на рускиот систем и дека САД и нивните сојузници немале поврзаност со тоа.
Иако шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин повеќепати од саботата кога го започна бунтот изјави дека тој не бил почнат со цел да се собори избраната актуелна власт во Москва туку за смена на воениот врв кој го обвинува за некомпетентност во водењето на воените дејства во инвазијата во Украина, западните челници инсистираат дека тоа било „востание“ против рускиот претседател Владимир Путин и по првите одушевувања од акциите на паравојската набрзо следеа процени дали станува збор за режирена ситуација којашто би довела до промени во челните позиции во Москва и поинакво пристап на украинскиот фронт.
„Разјаснивме дека не бевме вклучени, немавме ништо со тоа“, истакна Бајден коментирајќи го „востанието“ на приватната воена формација „Вагнер“ кое траеше од саботата рано утрото до вечерта истиот ден.
Уште во саботата весникот The Washington Post објави дека американското разузнавање две седмици претходно имало информации за можен бунт на „Вагнер“ за што веднаш била информирана Белата куќа, со цел американската администрација да не биде изненадена од драматични настани во Русија. Притоа се истакнува дека за американските разузнавачи останале нејасни точниот план за настапување кој имал намера да го спроведе Пригожин, како и точниот временски период во кој би го извел.
Истовремено, The New York Times објави дека американските власти одлучиле да не ги објавуваат овие податоци, бидејќи стравувале дека Москва ќе ги обвини за организирање државен преврат. Покрај тоа, забележува натаму весникот, американската страна не сакала да ѝ помогне на руската власта. CNN истовремено објави дека американското разузнавање ги предупредило пратениците во Конгресот за групирање на единиците на паравојската „Вагнер“ во близина на руската граница, што според нив укажувало дека Пригожин веќе извесно време се подготвувал да го предизвика воениот врв на Русија.
Бајден на настан во Белата куќа во понеделникот изјави дека барал од својата група за национална безбедност да го известуваат „од час во час“ за ситуацијата, како и да се подготват за „лепеза можни развои на ситуацијата“, за кои подетално не зборуваше.
Руските разузнавачи служби истражуваат дали американските шпионски агенции одиграле улога во бунтот, по пишувањето на американските медиуми во кои не беше наведено на кој начин американското разузнавање дошло до таквите сознанија, пренесува агенцијата ТАСС цитирајќи го рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Бајден во продолжение во врска со бунтот во Русија потврди дека разговарал со клучните сојузници на видеоконференција за да се погрижи за тоа сите да знаат што се случува и за да можат усогласено да дејствуваат, повторно без да даде поединости во што би се состоеле таквите активности.
„Се согласија со мене дека мораме да се погрижме на (рускиот претседател Владимир) Путин да не му дадеме никаков изговор за тоа да го обвини Западот, како и поради тоа да го обвини НАТО“, рече Бајден.
Бајден, кој во неделата разговараше со украинскиот претседател Володомир Зеленски, рече дека повторно со него ќе се слушне подоцна во понеделникот или вторникот за да биде „сигурен дека се разбираат“.
Подоцна американскиот претседател има намера да разговара и со челникот на друга сојузничка земја, чие име на сакаше да го сподели со јавноста.
Бајден рече и дека тој и неговиот тим ќе продолжат со „процените на последиците од инцидентот“. „Прерано е да се дојде до дефинитивен заклучок за тоа во која насока ова се движи“, додаде. Рече дека неговата порака до сојузниците гласи дека е „важно да останеме во потполност усогласени“, пренесува Reuters.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во изјава за руската телевизија ги обвини американските разузнавачки агенции дека биле свесни за подготовките на шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, за обидот за вооружен бунт, но дека тоа го криеле од Москва – што не е дипломатска практика во односите меѓу двете супер сили кои повеќепати годиниве и покрај големите тензии спречуваа обиди за големи териристички напади со меѓусебно информирање – „очигледно со надеж дека превратот ќе успее“.
„Истовремено, имаше дипломатски сигнали дека Вашингтон не е вмешан во обидот за преврат“, рече Лавров.
Наведе дека американската амбасадорка во Москва, Лин Трејси, ги известила руските претставници во текот на кризата за американската загриженост за безбедноста на големиот руски нуклеарен арсенал, и јасно дала на знаење дека САД не се вмешани во бунтот.