Капитенот на Партизан, Кевин Пантер, потпиша двегодишен договор со Барселона. Американскиот кошаркар во следните две сезони би требало да заработи вкупно шест милиони долари, пренесуваат европските медиуми.
Поранешниот студент на Универзитетот во Тенеси зад себе има фантастична сезона во тимот на Жељко Обрадовиќ, во која избори пласман во втората петорка на Евролигата.
Претходните денови се зборуваше дека за Пантер, покрај Барселона, се заинтересирани и Панатинаикос и Реал Мадрид, но се чини дека Каталонците беа најпривлечни за 30-годишниот њујорчанец.
Пантер доби огромен договор, а останува малку нејасно како Барселона ќе го исплати, откако претходните месеци клубот од „Блауграна“ постојано зборуваше за финансиските проблеми со кои се соочуваат. Истиот ден кога во јавноста протече информацијата за доаѓањето на Пантер, стана јасно дека тренерот Шарунас Јасикевичиус ја напушта Барселона, а на клупата доаѓа Роџер Гримау.