Фреска на којашто е прикажана можната древна варијанта на светски раширениот италијански деликатес пицата е откриена на ѕид од куќа на староримскиот град Помпеја уништен во ерупција на блискиот вулкан Везув, соопшти во вторникот италијанското министерство за култура.
Археолозите претпоставуваат дека рамниот сплескан леб, покрај кој на цртежот на ѕидот (фреската) е пехар со вино, можеби се јадел со овошје како шипинки и урми или на него биле зачини и некој вид песто сос, соопшти министерството.
Иако технички не може да се смета за пица, бидејќи ги нема класичните состојки како што се доматите и моцарелата, она што е откриено во Помпеја „можеби е далечниот роднина на современото јадење“, стои во соопштението.
Помпеја, уништена во ерупцијата на Везув пред две илјади години, се наоѓа на околу 23 километри од Неапол, каде што е создадена сегашната итлијанска пица, која е заштитена од УНЕСКО.
Фреската е откриена во ходник на куќа до која имало пекарница, којашто делумно била откопана уште во XIX век. Археолошките ископувања во таа област биле продолжени дури во јануари годинава, се наведува уште во соопштението на италијанското министерство за култура.
Археолошкиот локалитет Помпеја, откриен во текот на XVI век, неодамна доживеа експлозија археолошки активности насочени на запирањето со години пропаѓање и занемарување, главно благодарејќи на неодамна заокружениот проект во изност од 105 милиони евра.