
Улични безредија го потресоа париското предградие Нантер, откако полицаец застрела 17-годишно момче за време на сообраќајна контрола.
Гневната толпа запали канти за ѓубре, автомобили и основно училиште, а работниците од итната помош беа гаѓани со големо количество пиротехнички средства, соопштија градските власти.
Демонстрантите подигнаа барикади меѓу катните згради и ги попречуваа пожарникарите во нивната интервенција.
Немирите почнаа во вторникот вечерта со протести пред полициската станица во Нантер и се проширија во соседните градови. Во Мант-ла-Жоли беше запалено градското собрание. Полицијата употреби солзавец и гумени куршуми, но мораше да се повлече.
Според властите, уапсени се 15 лица.
Немирите беа предизвикани од смртта на 17-годишник во вторникот утрото во текот на полициска контрола. Снимката на мобилен телефон на сведок од инцидентот, потврдена од FranceInfo, покажува како полицаец вперува пиштол кон возачката врата на запрен автомобил. Кога младиот човек зад воланот ненадејно излетува, полицаецот пука од непосредна близина и смртно го ранива.
FranceInfo објави дека полицаецот бил приведен поради сомнение за убиство од небрежност. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен изјави дека полицијата започнала внатрешна истрага за инцидентот.
Убиството предизвика гнев ширум Франција и обвинувања за прекумерно полициско насилство.
„Смртната казна повеќе не постои во Франција. Ниту еден полицаец нема право да убива освен во самоодбрана“, напиша на Twitter левичарскиот политичар Жан-Лук Меланшон. Додаде дека полицијата ја омаловажува државната власт и дека таа треба темелно да се реформира.
Претседателот на конзервативната партија Републиканци, Ерик Сиоти, изрази поддршка за полицијата.
„Поддршка за нашите полицајци мобилизирани вечерва во Нантер за да се одржи редот. Ќе биде тешка ноќ, вие сте бранители на нашата заедничка безбедност. Ништо не го оправдува овој хаос!“, напиша тој на Twitter.