Лидерите на земјите-членки на ЕУ утре и задутре на состанок во Брисел

Лидерите на земјите-членки на Европската унија утре и задутре ќе одржат состанок на кој ќе разговараат за руската агресија врз Украина и континуираната поддршка за таа земја, економијата, миграцијата, безбедноста и одбраната и надворешните односи.

Пред почетокот на самитот, лидерите на земјите-членки ќе имаат работен ручек со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, со кого ќе разговараат за прашањето за глобалната и европската безбедност.

„Нашето силно единство е спротивно на неединството во Русија што го покажаа настаните од овој викенд“, посочува претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во писмото со покана до лидерите на земјите-членки.

„Ќе ја потврдиме нашата посветеност да ја поддржуваме Украина се додека е потребно, вклучително и преку постојана финансиска и воена помош“, рече Мишел.

На дневен ред е и дискусија за европската безбедност и одбрана. Во март минатата година на самитот во Версај, лидерите заклучија дека ЕУ треба да преземе поголема одговорност за својата безбедност и одбрана, а сега ќе разговараат што е досега направено во таа област и како да се забрза имплементацијата на она што беше договорено во Версај.

Во своите заклучоци, лидерите ќе укажат на потребата од зајакнување на технолошката и индустриската база на европскиот одбранбен сектор, особено во новото стратешко опкружување кое бара значителни долгорочни стратешки капацитети за одбрана.

Кога станува збор за економските теми, лидерите ќе разговараат за зајакнување на економската основа, конкурентноста, економската сигурност и отпорноста на економијата. Лидерите најверојатно ќе се повикаат на предлогот за ревизија на седумгодишниот буџет на ЕУ, во кој Комисијата бара дополнителни 66 милијарди евра до крајот на овој буџетски период во 2027 година.

Една од темите ќе биде како да се искористат замрзнатите руски средства за обнова на Украина.

Лидерите ќе разговараат и за подобро управување со миграцијата.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во понеделникот испрати писмо до лидерите на земјите членки во кое презентираше преглед на она што е досега направено и што допрва треба да се направи за успешно управување со миграцијата. Таа нагласи дека ЕУ мора да има доволно финансиски ресурси за ефикасен систем за управување со миграцијата и азилот за да може да одговори на миграциските предизвици.

Минатата недела, во предлогот за ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка за миграциска политика, Комисијата предложи дополнителни 15 милијарди евра до 2027 година. Оваа сума ќе биде наменета за поддршка на земјите-членки во управувањето со надворешните граници, за помош на трети земји и мигранти во тие земји.

Во своите заклучоци, лидерите ќе ги осудат неодамнешните насилни инциденти на северот на Косово и ќе повикаат на итна деескалација на ситуацијата.

Во однос на односите со Кина, кои исто така ќе бидат една од темите на самитот, Комисијата се залага за соработка со Пекинг, но и за намалување на ризикот од зависност на ЕУ од Кина.