Нов гаф на Џо Бајден: Путин очигледно ја губи војната во Ирак

Американскиот претседател Џо Бајден додаде нов гаф на својата растечка листа на гафови. Тој денеска пред новинарите изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја губи војната во Ирак, веројатно мислејќи дека руската војска ја губи војната во Украина.

– Тешко е да се каже, но очигледно ја губи војната во Ирак – рече Бајден одговарајќи на новинарски прашања за рускиот претседател, пренесува Sky News.

На почетокот на овој месец, Бајден ги збуни слушателите кога, во говорот пред застапниците за контрола на оружјето, рече: „Боже чувај ја кралицата“. Заменик-секретарот за печат на Белата куќа, Оливија Далтон, подоцна ја појасни неговата изјава, велејќи дека таа е „упатена кон некој од толпата“. Таа не додаде ништо повеќе за тоа на кого одговара или што ја поттикнало забелешката.

Патем, дури во понеделникот Бајден за првпат лично го коментираше неуспешниот бунт на платеничката група Вагнер во Русија, кој траеше помалку од 24 часа.

– Западот немаше никаква врска со тоа – рече Бајден, додавајќи дека му наложил на својот тим за национална безбедност да ги следи саботните настани во Русија и да му известува „од час во час“ и да подготви голем број можни сценарија.

Тој рече дека разговарал и со клучните сојузници на САД во текот на викендот за да се увери дека сите размислуваат на ист начин за ова прашање.

– Од клучно значење е да бидеме координирани во нашиот одговор, но и во нашите очекувања – рече Бајден, додавајќи дека сите клучни сојузници „се согласиле дека не смеат да му даваат на Путин никакви изговори за да ја префрлат одговорноста за ова на Западот или на НАТО“.