Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и евроамбасадорот Дејвид Гир денеска во Ресен ги презентираа можностите што ги нуди Европската Унија за финансиска поддршка на земјоделските задруги и модернизација на земјоделскиот сектор во Македонија, преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).
„Денеска сме присутни на промоција на два многу значајни проекти кои повторно се со финансиска поддршка на Европската унија, од над милион евра, наменети за развој на земјоделскиот сектор и насочени кон задругите, малите производители, руралните жени и младите земјоделци“м потенцираше министерот Николовски заблагодарувајќи се на Делегацијата на ЕУ во Македонија за целокупната поддршка која ја дава на земјоделскиот сектор.
Проектот „Зајакнување на управувањето на земјоделските задруги за подобрување на конкурентноста во земјоделскиот сектор“ има за цел да придонесе да се надмине нискиот производствен капацитет на земјоделците и земјоделските задруги, да се достигне ниво на стандардизиран квалитет на земјоделските производи, со крајна цел подобрување на животот во руралните области.
Тој проект ќе придонесе за подобрување на конкурентноста на земјоделските задруги, преку зајакнатото учество на младите и жените во развојот на земјоделството, кои ќе резултираат со нови земјоделски задруги или зголемен број на земјоделци членки на постоечките задруги. Проектниот конзорциум го сочинуваат Македонската асоцијација на земјоделски задруги и Здружение за бизниси и консултанти – Креација.
Проектот „АгроСмарт – Развој на модерно и одржливо земјоделство“ има за цел да придонесе кон рамномерен регионален развој, модернизација и зголемување на одржливоста во земјоделскиот сектор, преку финансиска и техничка поддршка во Североисточниот, Полошкиот, Југозападниот и Преспанскиот регион. Со проектот се очекува да се поддржат иновативни инвестициски проекти од областа на смарт земјоделството. Проектот е финансиран од Европската унија, а го спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија во партнерство со Хемера ДООЕЛ и ЦЕП Можности.
„Можам да заклучам дека двата проекта опфаќаат два клучни моменти, поддршка на задругарството и поддршка на смарт земјоделство. Главни корисници на двата проекта се задругите, но крајно ефектите ќе бидат видливи и за целокупното земјоделство во државава. Двата проекта имаат иста цел – модернизација. Ова е голема поддршка за македонското земјоделство. Ние како министерство реализираме многу наши мерки, програми и проекти кои исто така имаат за цел модернизација на производство. Деновове започнавме со доделување на решенијата за набавка на 2453 модерни трактори, кои имаат вградена дигитална технологија. Во тек е проект за изградба на откупно-дистрибутиви центри во Ресен, Струмица и Скопје, кој го реализираме со поддршка од Светска банка. Континуирано со поддршка од ЕУ и ФАО тече процес на консолидација на земјоделско земјиште, со што ќе го надминеме проблемот на мали и неправилни парцели кои се најтешки за обработка и на кои тешко се применува дигитална технологија. Први во регионот започнавме со ИПАРД 3 што исто така е во насока на модернизација и поголем развој на македонското земјоделство. А кога ќе ги собереме сите активности, вклучувајќи ги и овие два проекта со поддршка од ЕУ, јасно е дека македонското земјоделство интензивно се модернизира и е сѐ поблиску до европските стандарди“ рече министерот Николовски.
Настанот се одржа во пресрет на светскиот ден на задругарството кој ќе се одржи оваа сабота, под мотото „Задруги за одржлив развој“.
Презентацијата е организирана во рамки на Меѓународниот ден на задругите, наречен и #CoopsDay што од 1923 година се одбележува секоја прва сабота од месец јули. Оваа година се одбележуваат сто години од задругарското движење и значајниот придонес на задругите во глобалната економија, како и нивната улога во градењето на поодржлива иднина.