Германски „Patriot“-и ќе го штитат самитот на НАТО во Литванија

Германија започна со инсталирањето на системите за противвоздушна одбрана од американско производство „Pаtriot“ во Литванија кои ќе го обезбедуваат самитот на НАТО во Вилнус кој ќе се одржи за малку помалку од две седмици, соопштија во четвртокот вооружените сили на балтичката земја.

Литванија, сојузничка на Берлин во Европската унија и во НАТО, објави фотографии на кои е забележано влегувањето на конвој на германската војска во литванската престолнина Вилнус.

Во Вилнус на 11-ти и 12-ти јули ќе се одржи состанокот на врвот на челниците на земјите членки на Северноатлантскиот воен сојуз. Литванија, во којашто има значајна руска заедница чиишто права не се почитуваат за што земјата одвреме-навреме е критикувана од Обединетите нации, има граница со тешко вооружената руска балтичка енклава Калининград и со Белорусија, којашто со низа воени договори е најблискиот сојузник на Москва и на чијашто територија од неодамна е распоредено руското тактичко нуклеарно оружје.

Фотографиите и снимките литванската војска ги опиша како „распоредување на проектилите Patriot во Литванија“. Со системот ќе ракуваат германски војници.

Германското министерство за одбрана соопшти дека распоредувањето на „Patriot“-ите се спроведува на барање на НАТО и во блиски консултации со Литванија.

„Германија ќе придонесува и кон копнените, воздушните и поморските способности за обезбедување на самитот на НАТО“, се наведува во соопштението.