Владата на Косово не ја донесе одлуката за прогласување на терористички организации „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“ во координација со Соединетите Држави и другите меѓународни партнери, се вели во одговорот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа.
Се подвлекува дека САД го осудуваат насилството врз силите на КФОР и дека оние што стојат зад него треба да одговараат „почитувајќи го пропишаниот процес и со целосна транспарентност“.
„Оваа одлука требаше да биде координирана од најблиските меѓународни партнери на Косово, вклучително и оние кои имаат примарна одговорност да ја обезбедат стабилноста на Косово. Повторно го повикуваме Косово да се воздржи од еднострани чекори додека работиме со страните за решавање на актуелната криза“, се вели во одговорот на Стејт департментот.
Што се „Цивилна заштита“ и „Бригада север“, кои Косово сака да ги прогласи за терористички?
Владата на Косово на 29 јуни ги прогласи за терористички организации „Цивилна заштита“ и „Северна бригада“, објаснувајќи дека нивните членови стојат зад немирите на северот на Косово и дека тие „претставуваат сериозна и директна закана за уставниот поредок и безбедноста на Косово“.
Косовскиот премиер Албин Курти рече дека овие две организации извршиле акции „со терористички елементи“ како што се вооружени напади врз припадници на косовската полиција, членови на Мисијата на Европската унија за владеење на правото (Еулекс) и војници на КФОР.
На северот на Косово од крајот на мај е тензично поради одлуката на косовските власти да ги преземат општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, со цел градоначалниците Албанци да имаат пристап до нивните канцеларии. Србите, кои го сочинуваат мнозинството во тие општини, остро се спротивставија откако ги бојкотираа изборите во април и ја отфрлија можноста за прифаќање на резултатите.
Ситуацијата ескалираше на 29 мај во Звечан кога дојде до конфликт меѓу Србите и војниците на НАТО во рамките на мисијата на Косово, КФОР. Во таа прилика имаше десетици повредени од двете страни. Во меѓувреме, западните земји и ЕУ побараа итна деескалација на ситуацијата, распишување нови избори и повлекување на полицијата од општинските згради.