-Со новата методологија, се дава можност да се направи нова структура на потрошувачката и да се мотивира штедењето. Не само цената, туку и потрошувачката е дел од тоа, изјави министерот за финансии, Фатмир Бесими во врска со преземените мерки на РКЕ во изминатиот период, околу новата цена на струјата, која треба да стартува од 1 јули.
Министерот го поздравува и фактот од воведувањето на четирите блок тарифи.
-Тоа значи дека тие што помалку трошат, имаат пониска цена и така секое ниво на тарифа. Веќе ги имате пресметките и кога ќе биде официјално, ќе видиме каков е ефектот на блок тарифите во однос на ДДВ-то. Владата даде препорака и треба да знаеме дека се постапува во две основи – едно е како носител на политиките, а друго е како сопственик на ЕСМ. Владата им даде препораки на Управниот одбор за цена пониска на цената на чинење. Со блок тарифите се таргетира поддршката за електрична енергија за домаќинствата со пониски примања и се постигнува тие што трошат помалку, да добиваат пониска цена, кажа Бесими на настан по повод потпишувањето договорот за инвестициски грант.
Тој потврди дека Владата нема да се повлече од намерата ДДВ-то на сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар да се зголеми од 10 на 18 отсто од утре.
„Намалувањето на ДДВ-то беше една фаза во првичната енергетска криза со намалување од 18 на 5 отсто. Потоа се зголеми на 10 отсто и враќањето на 18 проценти беше пролонгирано до јули оваа година. Сега има нова методологија од Регулаторната комисија за енергетика со која се мотивира штедењето на потрошувачката со воведување на четири блок тарифи“ ,рече Бесими.
Според Бесими, како компензација Владата ќе продолжи да ги субвенционира трошоците за производство и за снабдување на електрична енергија, што е и еден вид на компензација за зголеменото оданочување.