Во Албанија за шест месеци фатени над 3.600 илегални мигранти

Албанската полиција, во просек, открива секој ден по најмалку 20 странски државјани од Блискиот Исток, во обид да се префрлат во некоја од западноевропските земји.

-Официјалните полициски податоци покажуваат дека службите за шест месеци го запреле патувањето на над 3600 граѓани од Сирија, Алжир и други земји каде има конфликт, но реалната бројка на оние кои успеле транзит да минат преку албанска територија, се верува дека е многу повисока. Најчесто на албанска страна влегуваат од грчка територија, преку зелениот граничен појас, во јужниот дел, како и делот кај Корча, јави Топ чанел.

Според полицијата, меѓу оние кои се вратени назад има и такви на кои тоа им е втор, трет или четврти обид да транзитираат низ албанска територија, па преку Косово, Црна Гора или албанското пристаниште Драч да го продолжат патот за некоја западно-европска земја.

-Трговците со луѓе пред полицијата и судот најчесто се правдаат со образложението дека транспортот го прават од хуманитарни побуди. Инцидентно некој од нив изјавува дека тоа е поради тешката економска состојба во која се наоѓа и оти најчесто парите им се потребни за намирување на трошоците за лекување на член на семејство, наведува телевизијата.

Последната откриената група е со 29 имигранти од Бангладеш кои потврдиле дека платиле по 500 евра на државјанин од арапски земји, кој и рекол дека ќе пристигне возило за да ги земе и да ги пренесе до северната граница. И така се случувало сѐ додека полицијата не ги пресретнала.

Мигрантите, во зависност дали треба да стигнат на северната граница на Албанија или на пристаниште, плаќаат од 500 до 1000 евра. Доколку заминуваат од Драч кон италијанскиот брег, треба да платат и до 4.000 евра.