Битиќи: ЕВН Хоум од 1 декември треба за сите да испорачува евтина дневна тарифа на струјата

-ЕВН Хоум е повикана од 1 декември да испорачува дневна евтина тарифа на струјата за сите, а како тоа ќе го направи е нејзина надлежност и одговорност, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Според него, оперативните работи треба да ги завршат тие што се повикани за тоа.

-Фактот дека Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) излезе со цени кои се аплицираат од 1 јули, па до крајот на годината, со самото кажување дека на 1 декември треба да стартува евтината дневна тарифа, значи дека оперативните работи треба да ги направат тие што се повикани за тоа. Можам да им дадам помош на ЕВН Хоум ако немаат, ќе одам лично да ги сетирам броилата, ако е тоа проблемот, истакна Битиќи, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Нехо Исни“- ДООЕЛ Скопје.