Ковачки да се извини, во спротивно, тужам: Дрин Ахмети демантира дека има бизнис со Коридор 8

Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети и директор на компанијта Тхор Индустриес, целосно ги демантира тврдеањата на пратеникот Драган Ковачки дека работи како подизведувач на проектот Коридор 8, и бара извинување од него и од неговата партија, а во спротивно најавува тужба за клевета.
„Во врска со видео-изјавата на членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Драган Ковачки, објавена на Јутуб каналот на ВМРО-ДПМНЕ, како и на интернет страницата на Сител Телевизија, со наслов „Ковачки: Внукот на Али Ахмети со фирмата која ја купи Соравија работи на Коридор 8″, сакаме да ве информираме дека се работи за комплетна невистина и погрешна пласирана информација во јавноста. „Тхор Индустриес” ги демантира сите невистини искажани од господинот Ковачки, а кои беа подоцна пренесени на веб страната на Сител Телевизија.

Ваквите лажни тврдења прават штета на компанијата „Тхор Индустриес”, како и на личниот углед на сопственикот Дрин Ахмети. Исто така, „Тхор Индустриес” бара јавно извинување од страна на ВМРО-ДПМНЕ и господинот Ковачки, во спротивно ќе ги превземе сите правни дејствија за претрпената штета од невистините изнесени од страна на господинот Ковачки“ – се вели во реакцијата на Дрин Ахмети и „Тхор Индустриес“.