Советот на ОН за човекови права ќе расправа за палењето на Куранот во Шведска

По иницијатива на Пакистан, Советот на Обединетите нации за човекови права ќе свика седница на којашто ќе се расправа за неодамнешниот повторен чин на палење на светата муслиманска книга Куранот во шведската престолнина Стокхолм што по одлуките на тамошните судови го дозволи шведската полициција.

Како што изјавил портпаролот на споменатото тело на светската организација со седиште во швајцарска Женева, по применото барање на Исламабад, Советот ќе одржи итна расправа „за алармантниот пораст на јавните дела со верска омраза со умисла кои се гледаат во актуелното сквернавење на светиот Куран во некои европски и други земја“.

Распратавата, веројатно, ќе се одржи оваа седмица, додал потпаролот.

Чинот на кинење, сквернавење и на крајот палењето на Куранот, и тоа на првиот ден од големиот муслимански празник Курбан бајрам пред централната џамија во Стокхолм, беше уште еден случен инцидент во главниот град на Шведска по оној од почетокот на јануари годинава кога таков настан, исто така, со судско одобрение изведе данско-шведски екстремен краен десничар.

Полицијата во Стокхолм го одобри настанот откако го забрани во февруари, откако две судски истанци го одобрија. Шведските судови, имено, пресудија дека полицијата немала право да го одбие барањето за јавно палење на Куранот. Покрај тоа, како што известија медиумите, била игнорирана забраната која е на сила во земјата за палење оган на јавни простори поради сувото време.

Шведската влада соопшти дека настанот бил дозволен според законите за слобода на изразувањето, но дека настанот не бил примерен.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан повторно го осуди палењето на светата книга на муслиманите и го критикуваше тоа што шведскиот правосуден систем и безбедносните органи не ги спречуваат таквите инциденти.

Турција инаку жестоко протестираше и во јануари по првото јавно демонстративно палење на Куранот во Стокхолм годинава, како и за протестите на прокурдските активисти само една седмица подоцна исто така пред турската амбасада кога беше наопаку обесена кукла со ликот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Поради таквите случаи, Анкара уште порешително се определи за блокирање на приемот на Шведска во НАТО.

„Имајќи го предвид тоа, за Турција е дискутабилно дали членството на Шведска во НАТО ќе му помогне на сојузот да зајакне или ќе предизвика повеќе проблеми“, рече шефот на турската дипломатија во вторникот, пренесе службената новинска агенција Anadolu.

Сквернавењето на Куранот во Стокхолм предизвика жестоки протести и во Иран и во Ирак и предизвика официјални протестни ноти од земјите со муслиманско мнозинство.