Косовската претседателка Вјоса Османи го прими во втроникот специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, со кого разговарала за „актуелните политички предизвици“ во односите меѓу двете држави.
Во соопштението од кабинетот на Османи се наведува дека на средбата станало збор посебно за актуелната криза на мнозински српскиот север на Косово, за напорите за деескалација и за потребата од спроведување на договорите од Брисел и анексот усвоен на средбата на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ во Охрид во март годинава.
Лајчак, кој допатува попладнево во Приштина, по приемот кај Османи, замина на средба со косовскиот премиер Албин Курти, а во среда ќе престојува во Белград, каде што, меѓу другите, ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Дипломатски извори од седиштето на ЕУ во Брисел изјавија за медиумите дека посетата на Лајчак на двете земји, на барање на шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, е со цел враќање на Приштина и Белград на преговарачката маса и намалување на тензиите во северно Косово.