
Сеопфатната израелска воена операција во Џенин, град во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан), која меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска територија од Израел во војната во 1967 година, се приведува при крајот, објави во вторникот вечерта израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Во овие моменти ја завршуваме мисијата“, изјави Нетанјаху во вторникот на контролната точка близу Џенин. Израелскиот премиер, меѓутоа, навести и дека операцијата не е „изолиран случај“ и дека Израел таа „ќе продолжи сѐ додека тоа биде потребно“.
Израелските сили започнале да се повлекуваат доцна во вторникот од палестинскиот град Џенин, изјави извор од редовите на израелските сили и очевидци, по спроведувањето на една од најголемите воени операции во Западниот брег по многу години.
Во првите моменти беше нејасно кога израелските војници ќе се повлечат од палестинскиот град, кој се смета за бастион на милитантните исламистички групации чиишто седишта се во другата палестинска енклава Појасот Газа.
Според палестинските извештаи, во вторникот вечерта израелската воена операција сепак продолжила. Истрели и експлозии се слушале низ градот. Исто така, имало и размена на оган во близина на една болница во градот, и притоа имало тројца ранети.
Израелската војска кусо соопшти дека операцијата за уништувањето на терористичката инфраструктура „ќе трае колку и да е потребно“.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Халант, кој го придружуваше премиетот Бенјамин Нетанјаху во Џенин, рекол дека овој град станал „изворно место на тероризмот“ во последните две години. „На тоа сега му дојде крајот“, додаде.