Оризаре, Ваксинце и Лојане останаа без струја поради тоа што лица од Слупчане насилно отвориле голем енергетски објект во сопственост на Електродистрибуција, во обид сами да го вратат напојувањето со струја во селото.
По ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја. Ваквите манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни може да имаат многу трагичен крај со смртни последици, велат од Електродистрибуција.
Електродистрибуција и денес го потврдува истото. Мештаните на Слупчане не дозволуваат операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски да ја одржува, надградува и да постави системи за точно мерење на електричната енергија.
“Екипите на Електродистрибуција не може да го санираат дефектот се додека не добијат цвртсти гаранции дека ќе се овозможат нормални услови за работа. Дефекти предизвикани од неовластени манипулации како во случајов, одземаат многу време да се санираат” велат од компанијата.
Кражбите на електрична енергија во ова село се 80%, а наплатата е само 20%.