Ѕвездата на Disney и пејачка Коко Ли почина по обид за самоубиство

Коко Ли (CoCo Lee), пејачката ѕвезда од Хонгконг чијашто нумера од филомт „Клекнат тигар, скриен змеј“ (Crouching Tiger, Hidden Dragon) беше номинирана за Оскар, почина на 48-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство.

Ли починала во средата откако во неделата се обидела да изврши самоубиство по што била хоспитализирана, објавија нејзините сестри.

„Коко боледуваше од депресија неколку години, но состојбата последните неколку месеци драстично ѝ се влоши. Иако Коко побара професионална помош и се бореше против депресијата колку што можеше, демонот во неа, за жал, беше посилен“, објавија на социјалните мрежи сестрите Керол и Ненси Ли.

Коко Ли дел од детството го минала во Сан Франциско и се образувала на Калифорнискиот универзитет во Ирвин. Се прослави во 1990-те години и објави поп-албуми на мандарински, англиски и кантонски јазик. Последниот од нејзините 18 албуми е издаден во 2013 година.

Нумерата на Ли „A Love Before Time“ во 2001 година беше номинирана за Оскар за најдобра оригинална песна. Таа номинација беше една од десетте кои ги доби филмот „Тигар и змеј“, стилски акционен филм во режија на Анг Ли премиерно прикажан во 2000 година, следната година освои четири од најпрестижните награди во светот на филмот.

„Комбинирајќи го вкусот и текстурата на источната музика со оркестарската боја и чувствителните стихови на западната култура, магијата на овој неверојатно убав филм е навистина реализирана во оваа евокативна љубовна балада“, рече актерката Џулија Стајлс додека ја претставуваше изведбата на Ли на доделувањето на Оскарите таа година.

Коко Ли го позајми гласот и во мандаринската верзија на анимираниот филм „Mulan“ на филмските студија „Disney“ и ја сними насловната нумера за тој филм под наслов „Reflection“.

Пејачката во 2011 година се венчаше со канадскиот претприемач Брус Роковиц.

Во изминатите 29 години освои многубројни меѓународни признанија за најпродавани песни и ја маѓепсуваше публиката со своите настапи во живо, напишаа во средата сестрите на Коко Ли.

„Коко, исто така, е позната по тоа што неуморно работеше на тоа да отвори нов свет за кинеските пејачи на меѓународната музичка сцена и сѐ даде за да сјае за Кинезите. Се гордееме со неа“, објавија нејзините сестри.

Кариерара на Коко Ли започна откако таа заврши како второпласирана на натпревар во пеење организиран од телевизиската мрежа TVB во Хонгконг во 1993 година, веднаш откако завршила средно оброзаование. Се пријавила на натпреварувњето од каприц, изјави таа за The San Francisco Chronicle во 2000 година.

„Бев срамежлива како дете… Се криев во бањата и пеев под туш. Секогаш предвидував дека мојата постара сестра Ненси ќе биде пејачка. Таа е убава, талентирана и има убави нозе. Немав поим дека тоа ќе бидам јас“, вели Коко во споменатото интервју.

Нејзиниот успех на натпреварот TVB доведе до објавување на нејзиниот деби албум за тајванска издавачка куќа во 1994 година. „Мојата цел во музичката индустрија не е да останам на едно место“, изјави Коко за The South China Morning Post во 1997 година, велејќи дека сака да работи во Азија и САД.

Во 1999 година, Ли го издаде својот прв целосен албум на англиски јазик, „Just No Other Way“, кој вклучуваше поп и R&B песни. Една од нумерите – „Before I Fall in Love“, беше вклучена во саундтракот за филмот соа Џулија Робертс „Невестата бегалка“ од 1999 година.