Германската крајна десница AfD со историски рекорд во популарноста

Германската крајно десна евроскептична и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) која во последниот период сугерира и повлекување на земјата од НАТО, достигна нов рекорд на популарноста откако е формирана, покажува најновата анкета што ја спровела јавната телевизија ARD.

Партијата напредувала за два процентни поена и моментално во истражувањата на јавното мнение на ARD ја поддржуваат 20 отсто од германските избирачи, покажуваат податоците објавени во четвртокот. Со тоа, AfD станува втората по моќност партија во земјата.

Германските конзервативни демохристијани од Унијата на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјалната унија (CSU) во анкетата на ARD имаат 28 отсто доверба, што сепак е пад за еден процентен поен во однос на минатонеделната анкета.

Популарноста на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) останала непроменета на 18 отсто, а паднала на нејзините коалициски партнери во владата Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) на 14 отсто што е нивниот најслаб резултат од септември 2018 година, а довербата во Либерално-демократската партија (FDP) останала на 7 отсто.

Крајно левичарската партија Левица (Die Linke) остана на 4 процентна доверба меѓу германските гласачи.

AfD е традиционално маргинализирана на германската политичка сцена, и слично како и на сродната партија Национален собир на Марин Лепен во Франција, предизвикува формирање сојузи на партиите од целиот политички спектар против неа.

Меѓутоа, тоа не помогна пред две седмици кога кандидатот на AfD оствари надмоќна победа на локалните избори во сојузната покраина Тирингија. Тирингија и Саксонија-Анхалт се двете од шесте германски сојузни покраина кои ја сочинуваа поранешната комунистичка Источна Германија, регион кој главно повеќе ја поддржува крајната десница.

Партијата AfD се појави пред десет години со противење на еврото а доби популарност во текот на мигрантската криза во 2015-та и во германскиот парламент Бундестагот првпат влезе во 2017-та, а со којашто главните традиционални партии во Германија одбиваат да соработуваат критикувајќи ги нејзините радикални ставови.

Политичките аналитичари сметаат дека ѝ одат во полза стравувањата на граѓаните во врска со рецесијата, големата миграција и зелената транзиција, а на сојузните избори во 2025 година има намера и да истакне свој ткн „шпицен-кандидат“, односно кандидат за канцелар. Партијата особено го зајакна својот рејтинг на просторот на поранешната комунистичка Источна Германија, а анкетите упатуваат на тоа дека може да оствари победа во три источни сојузни покраини следната година.

И додека партиите од крајната десница зајакнаа ширум Европа последните две години, јакнењето на AfD е особено деликатно прашање поради обвинувањата од ривалските партии поради нејзина наводна асоцијација со германаското нацистичко минато. Партијата последната година силно се противи на западните санкции против Русија поради војната во Украина и со научни трибини го оспорува човечкото влијание за климатските промени, што силно му пречи на неолибертаријанскиот естаблишмент.

Во обидите да се заузди подемот на AfD се вклучи и германската разузнавачка агенција која претходно во јуни објави дека наводно крајно десниот екстремизам претставува најголама закана за демократијата во Германија и многу невообичаено отворено им испрати порака на предупредување на гласачите во однос на поддршката на Алтернатива за Германија.