
-Одеднаш никој не зборува проблемите на здравството, особено инфраструктурните проблеми за Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Пред четири, пет години бевме во континуитет „бомбардирани“ дека ќе се направи ултра модерен, софистициран проект кој што повеќе личеше на мегаломански, иако на хартија го немаше како проект, туку имаше некакви „Power point“ презентации. Денеска сме сведоци на една тишина и нешто што ја нарушува транспарентноста со која толку се фалеа, кога доаѓаа на власт имаа полни усти транспарентност, а денеска сме сведоци на една состојба во која постои арбитражен процес, постапка за Клинички центар за која никој ништо не кажува. Односно, нетранспарентно се дознаваат информации што успева јавноста да ги дознае преку медиумите, рече членот на Извршниот комитет, доктор Игор Николов на денешната трибина насловена „Здравство“, во рамки на акцијата „Пораки од реалниот живот – Ова е Македонија за сите“ која се одржа во просториите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека информациите кои ги имаат велат дека е испратено писмо од Министерството за здравство до Владата, ама таа сѐ уште не го добила, па кога го добила писмото заседавала, а не се кажува што одлучила.
Тој посочи дека според информациите кои ги имаат досега во однос на Клиничкиот центар Мајката Тереза, новината е дека арбитражниот процес е сериозно напреднат и, најверојатно, се побаруваат околу 18 милиони евра за негова неизградба и за раскинувањето на договорот. Дополнително, има информација дека Владата веќе избрала странска адвокатска канцеларија за да ја застапува државата.