Бред Пит во тркачко одело за новиот филм за Формула 1

Холивудскиот актер Бред Пит е забележан во неделата во тркачко одело на патеката Силверстоун пред трката за Големата награда на Велика Британија, каде се наоѓа на снимање на делови од својот нов филм за Формула 1.

Бред Пит и неговиот колега Денсон Идрис облечени во бело-црни тркачки одела од измислениот тим APXGP се најдоа меѓу вистинските возачи во Формула 1 на патеката во англиската грофовија Нортхемптоншир.

Седумкратниот светски првак во оваа класа, Британецот Луис Хамилтон е копродуцент на филмот на компанијата „Apple“, кој сѐ уште нема наслов, а се снима во соработка со Формула 1 која на проектот му пружа специјален пристап до тркачките патеки и возачите.

Пит разговараше со коментаторот на телевизискиот канал Sky Sports и поранешен возач на Формула 1, Мартин Брандл за своето искуство.

„Сега малку ми се врти, морам да признаам. Одлично е да се биде тука. Се забавуваме, најдобра забава во мојот жувот“, изјави 59-годишниот добитник на Оскар.

Откривајќи поединости за претстојниот филм, во интервјуто Бред Пит објасни дека неговиот лик е возач на Формула 1 од 1990-те години, кој започнал да се трка во другите класи откако доживеал „грозна несреќа“.

Неговиот пријател и шеф на тимот, кого го толкува Хавиер Барден, потоа го повикува да се врати во Формула 1 за да му помогне на својот тим кој се наоѓа на дното на генералниот пласман.

Пит вели дека филмот „би требало да биде автентичен колку што е тоа можно“, имајќи предвид дека ангажирале стручњаци за Формула 1 коишто „работат како во вистинска ситуација“.