Скандалозниот градоначалник на Торонто се кандидира за втор мандат

Градоначалникот на Торонто, Роб Форд се кандидира за учество и во следните локални избори, пренесе „АП“.

Форд е првиот кандидат кој се појавил во Градското собрание на отворањето на регистрацијата за изборите закажани за октомври.

„Јас сум најдобар градоначалник од сите градоначалници на овој град. Во мојата корист ќе зборуваат добрите дела што сум ги направил за градот. Од моја страна ќе бидат преземени такви чекори, какви градот никогаш не видел“, изјавил за новинарите Форд , цитиран од „ИТАР-ТАСС“.

Конзервативниот градоначалник на најголемиот канадски град изјави дека сака да се обиде да освои уште еден мандат, дури и откако призна минатата година дека е пушел крек, додека бил пијан.

Форд беше подложен на огромен притисок да поднесе оставка поради употребата на дрога и откритијата за друго неприфатливо однесување. Општинскиот совет на Торонто го лиши од повеќето негови овластувања. Изборите за градоначалник се на втори октомври.