Бунт во затворот во Битола, запалена ќелија

Доцна попладнево во затворот во Битола избувнал бунт на осуденици. Запалена е затворска ќелија, а во моментот делува противпожарен тим, дознава НетПрес од сопствени извори.

Нашите информации велат дека затворот моментно е без струја, веројатно од безбедносни причини.

Засега не е познато што се причините за бунтот. Нема, исто така, информација за евентуални повредени.

Изминатиот период сите извештаи на меѓународни институции укажуваа во континуитет за лошите затворски услови во државата.

Пожарот се појавил во една ќелија и првичните претпоставки се дека е подметнат од еден од затворените притвореници, иако истрагата треба да покаже како избувнал огнот.

Затворските чувари веднаш ги евакуирале лицата кои издржувале казни или се во притвор и почнале да го гаснат пожарот. Набргу прситихнале и битолските пожарникари и огнот е ставен под контрола и изгаснат.

Неколку чувари биле префрлени во битолскиот Клинички центар поради вдишување чад, но немаат посериозни последици, дознава Телма од болнички извори. Нема други повредени лица.

Поради пожарот, била исклучена и струјата во поголемиот дел од затворот. Притвореници кои ја издржуваат судски изречената мерка-притвор се префрлаат во другите затвори со притворски одделенија, односно во затворите во Охрид и во Скопје, во населбата Шуто Оризари.

Затворот во Битола беше реновиран за да се обезбедат и подобри услови за затворениците и притворениците, а тогаш беше модернизирана и противпожарната заштита во него.

Повеќе информации ќе бидат соопштени од Управата и од Министерството за правда.