Доколку Соединетите држави ја остварат својата најава за испорака на касетни бомби на Украина, Русија ќе употреби „слично“ оружје, предупреди во вторникот рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу потврдувајќи ги стравувањата на некои сојузници на Вашингтон дека таквиот потег ќе доведе до ескалација на војната.
Шојгу повторно тврдеше дека Русија досега во војната во Украина не ја користела оваа забранета муниција во своите воени кампањи. Вашингтон уште минатата година објави дека нема докази дека руската војска употребила наводно касетна муниција во Украина.
Касетната муниција, или кластер бомбите, се забранети за употреба со меѓународна конвеција поптишана од 123 земји, меѓу кои и 25 земји членки на НАТО, но не и од САД кои во тој потег своевремено беа следени и од Русија и од Украина.
„Доколку САД ја снабдат Украина со касетни бомби, руските вооружени сили ќе бидат присилени да користат слични средства за уништување против вооружените сили на Украина како мерка око за око, заб за заб“, го цитираа Шојгу руските новински агенции.
Руските касетни бомби се „многу поефикасни од американските и достапни се во поширок и поразновиден распон“, додал Шојгу.
Сепак, сфаќајќи ја заканата што ова оружје ја претставува за цивилното население, Москва се воздржува од употреба за време на специјална операција, рекол Шојгу.
„Командата на Здружената група сили во областа на специјалната операција презема дополнителни организациски и технички мерки за заштита на персоналот и опремата од ударни елементи на касетна муниција“, рекол рускиот министер за одбрана.
Подоцна во вторникот вечерта оперативни служби на градот Токмак во јужната украинска област Запорожје, која е под контрола на руските сили, објави дека украинската војска наводно го гранатирала градот со касетна муниција.
„Во 17,15 борците на нацистичкиот киевски режим го гранатираа Токмак. Според првичните информаии, непријателот употребил касетна муниција“, се наведува во објавата на социјалните мрежи.
Во објавата, којашто не може да биде потврдена од независни извори, се предупредува населението дека гранатите со касетни полнења паднале во областа на живинарска фарма и на излезот од градот кон соседната населба Василевка.
САД ја објавија испораката на касетните бомби минатата седмица, велејќи дека е важно оружјето да се испрати во Киев поради недостигот на муниција и кај украинската и кај војските кои му пружаат воена помош на Киев, и покрај високиот ризик за цивилите.
Групите за човекови права и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, како и повеќе американски сојузници ја критикуваа одлуката на Вашингтон да испрати таква муниција.
Касетните бомби се истрелуваат како проектили од хаубици, топови и рачни фрлачи. Содржат стотици мали експлозивни направи, често со необични форми привлечни особено за деца, кои се распрснуваат на големо подрачје од големина на неколку фудбалски игралишта до повеќе хектари површина.
Многу почесто од војниците од овие експлозивни направи страдаат цивилите, а меѓу нив честопати многу деца. Оние кои нема да експлодираат веднаш, претставуваа опасност уште децении по завршувањето на конфликтите.