
Болничките лекари во Англија во четвртокот го започнаа најголемиот штрајк во историјата на Британскиот национален здравствен систем (NHS), предизвикувајќи загриженост за здравјето на пациентите.
Невидениот досега петдневен штрајк поради платите и заминувањето на здравствените работници во други земји е последниот во серијата осуммесечни штрајкови во британското здравство, кое сè уште не закрепнало од пандемијата на коронавирусот.
„NHS функционира благодарајќи на добрата волја и сега е последна можност тоа да се промени“, изјави 27-годишниот лекар Арјан Синг, стоејќи меѓу демонстрантите пред Универзитетската болница во Лондон.
Додава дека многумина од неговите колеги планираат да заминат во земји кои се грижат за нивните лекари.
„Лекарите сфатија дека работат на глобален пазар, не се ограничени само на оваа земја“, истакнува Синг.
Во изминатите месеци штрајкуваа медицинските сестри, вработените во службите за брзата помош и други медицински работници, што создаваше притисок врз пациентите. Штрајкот на помладите лекари кои се на почеток на својата кариера ќе трае до вторник наутро.
Тој доаѓа по штрајковите во другите сектори на британската економија, од машиновозачите до адвокатите, во текот на изминатата година, бидејќи земјата е погодена од криза со високи трошоци за живот.
Постарите по стаж и позиции болнички лекари во Англија на 20-ти јули ќе штрајкуваат 48 часа, а радиолозите од 25-ти јули. Помладите лекари бараат да им се вратат платите на нивоата од 2008 до 2009 година, што според владата би значело просечно зголемување на платите за 35 отсто.
Одборот на помладите лекари на Британската медицинска асоцијација (BMA) соопшти дека платите на лекарите се намалени за 26 отсто во реални вредности во последните 15 години, бидејќи тие не се во чекор со инфлацијата. Владата им понуди зголемување на платите за 5 проценти.
Слични штрајкови во јуни и април сериозно ги нарушија болничките операции и одложија стотици илјади прегледи и операции. Во април имаше рекордни речиси седум милиони луѓе на листите на чекање, од кои речиси три милиона чекаат повеќе од 18 месеци, според BMA.