
На њујоршки Волстрит цените на акциите пораснаа четврти ден по ред во четвртокот, бидејќи извештајот за цените на производителите потврди дека инфлаторните притисоци во САД се намалуваат.
Индексот Dow Jones зајакна 0,14 отсто, на 34.395 поени, додека S&P 500 порасна за 0,85 отсто, на 4.510 поени, а Nasdaq индексот скокна за 1,58 отсто, на 14.138 поени.
Откако тоа го покажаа претходните податоците за потрошувачките цени, вчерашниот извештај за цените на производителите потврди дека инфлаторните притисоци во САД се намалуваат.
Производните цени се зголемиле во јуни за само 0,1 отсто на годишно ниво, што е нивен најблаг раст од средината на 2020 година, додека нивниот раст еден месец претходно изнесуваше 0,9 отсто.
Тоа се подобри податоци отколку што очекуваа аналитичарите, па го зајакнаа уверувањето кај инвеститорите дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) наскоро ќе стави крај на циклусот на зголемување на каматните стапки, кој трае повеќе од една година.
Така, сега се очекува дека Fed повторно ќе ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени овој месец и дека тоа ќе биде последното зголемување во овој циклус.
„Извештајот за цените на производителите потврди дека инфлацијата се движи во добра насока. Тоа е добар знак“, вели Мона Махајан, стратег во „Edvard Johnеs“.
Најголем поттик за S&P 500 и Nasdaq индексите беше вчерашниот силен раст на цените на акциите на неколку технолошки гиганти, како „Alphabet“ и „Nvidia“.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,32 отсто, на 7.440 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,74 отсто, на 16.141 поен, а париски CAC 0,50 отсто, на 7.369 поени.