Европската унија и Тунис потпишаа во неделата во Тунис протокол за „сеопфтатно стратешко партнерство“ во областа на сузбивањето на незаконската миграција, обновливите извори на енергија и економскиот развој на оваа земја од регионот на Магреб.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изрази задоволство од потпишувањето на договорот кој треба да „придонесе за заедничкиот напредок“, споменувајќи ги „петте столбови“, меѓу кои и прашањето на илегалните миграции. Тунис, инаку, стана почетна точка за илјадници мигранти од супсахарска Африка на опасниот пат кон Европа преку Средоземното Море.
Италијанската премиер Џорџа Мелони и нејзиниот холандски колега по должност Марк Руте ја следеа шефицата на Европската комисија по нивната прва посета пред еден месец кога го изнесоа предлогот за ова партнерство.
„Станува збор за нова етапа важна за сеопфатното решение на мигрантската криза“, рече Мелони, упатувајќи му покана на тунискиот претседател Каис Сајед, кој беше во нејзиното друштво, следната седмица да го посети Рим на состанокот на врвот за миграциите.
Сајед, пак, во својата изјава го истакна договорот за „приближување на народите“.
Според Малони, партнерството меѓу Тунис и ЕУ „може да биде пример за воспоставување нови врска со северна Африка“.
Руте, пак, оцени дека „договорот ќе биде полезен и за ЕУ и за тунискиот народ“, потсетувајќи дека Унијата е главниот трговски партнер на Тунис и најголем инвеститор во оваа северноафриканска земја. Во врска со миграцијата истака дека договори ќе овозможи „подобра контрола на илегалната миграција“.
Договорот предвидува помош во износ од 105 милиони евра за сузбивање на незаконската имиграција и буџетска помош од 105 милиони евра, во периодот кога Тунис го притиска долгот во висина од 80 отсто од неговиот бруто домашен производ (БДП) и недостиг од готовина.
Европската тројка во текот на својата прва посета на Тунис ја спомена „макроекономската помош од 900 милиони евра“ која на земјата би можела да ѝ биде пружена во форма на заем во наредните години.
Фон дер Лајан претходно во неделата во Брисел изјави дека е „подготвена да ја пружи таа помош што ќе се исполнат условите“.
Таа „помош“ од ЕУ е условена со договорот меѓу Тунис и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за ново кредитирање на фондот, за што двете страни со месеци не можеа да се договорат.