Македонските кошаркарски надежи поразени во финалето од Чешка, но се пласираа во А-дивизија

Европското првенство Б-дивизија кое се играше во Скопје, Македонија го започна со пораз од Чешка и го заврши со пораз токму од оваа селекција, меѓу овие два меча го победивме сите противници.

Чешка синоќа подобро го почна мечот, но нашите надежи одиграа одлична трета четвртина по која успеаа да дојдат до нерешено. Со 52:52 влеговме во последните десет минути.

Но, во четвртиот период одбраната наша не беше на потребното ниво, примивме дури 33 поени, дадовме 20 и загубивме убедливо со 85:72.

Теодор Симиќ беше убедливо најдобар во нашата селекција со 23 поени, Марин Петков реализираше 14. За поголем успех можеби недостасуваше Андреј Митревски кој се повреди во четвртфиналето а дотогаш беше еден од најдобрите наши кошаркари.

Македонија како финалист на овој шампионат избори пласман во А-дивизијата каде што се најдобрите селекции од континентот. Ова е голем успех за македонските млади кошаркари кои покажаа дека можеби пред нас се подобри денови за репрезентативната кошарка.