Меџити: Лично ќе иницирам инспекциски надзори и при најмал сомнеж за оштета на пациенти

-Лично ќе иницирам инспекциски надзор за секој случај за кој постои и најмал сомнеж за оштета на пациенти, истакна министерот за здравство д-р Фатмир Меџити на денешната работна средба со директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Рената Младеновска.

На средбата која се реализираше по иницијатива на министерот за здравство Меџити беше разговарано и за актуелните случувања во здравството, за кои Министерството за здравство иницираше вонреден инспекциски надзор.

-Министерството за здравство будно ја следи работата на сите јавни здравствени установи и е во постојана координација со раководните структури. Нема да дозволиме да останат нерасчистени случаи, мора да има одговорност кога е здравјето на граѓаните во прашање. Секаде каде што ќе се отвори дилема дали е обезбедена соодветна здравствена заштита за пациентите и дали тие добиле соодветен третман ќе иницираме надзор на теренот, потенцираше Меџити.

Тој истакна дека улогата на ДСЗИ во здравствениот систем е огромна и дека оваа институција мора сериозно да ја спроведува својата работа и транспарентно да известува, бидејќи од неа во голема мера зависи довербата на пациентите во јавното здравство.

-Државниот санитарен и здравствен инспекторат е постојано на терен и врши надзор преку редовни, вонредни и контролни инспекциски надзори во сите здравствени установи. Фокусирани сме на делот на обезбедување квалитетна здравствена заштита и остварување на правата на пациентите. На секоја добиена претставка или налог од министерот за здравство ние соодветно постапуваме, објасни Младеновска.

Директорката информираше и за вонредниот инспекциски надзор реализиран во врска со случајот на мртвородно бебе во КБ Битола, за кој рече дека е завршен и дека наскоро се очекуваат резултатите кои ќе бидат во детали соопштени во јавноста.