Боливија ја крена процената на залихите од литиум

Залихите од литиум во Боливија во моментов се проценуваат на 23 милиони метрички тони, изјави претседателот Луис Алберто „Лучо” Арсе Катакора, известувајќи за подигнатата процена на клучниот ресурс за енергетската транзиција по новите владини истражувања.

Досегашните процени покажуваа залихи од 21 милиони метрички тони литиум. Боливиската државна компанија пресметала нова процена по истражувањата во повеќе од 66 бушотини на две полиња во солената рамница Салар де Ујуни.

Боливија се сврти кон вложувањата на руските и кинеските компании за да ги развие огромните, но главно неискористени залихи на бараниот бел метал, клучната суровина за производство на батериите за напојување на современите технолошки уреди и особено електричните возила.

Боливиската влада, според претседателот Луис Арсе, започнала преговори и со претставници на Европската унија.

„Сите очи се вперени во Латинска Америка и Боливија поради нашето богатство во литиум и стратешки минерали“, рече Луис Арсе.

Јужноамериканскиот ткн „литиумски триаголник“ опфаќа повеќе од половина од светските залихи на литиумот, според процените на Американскиот геолошки институт (USGS). Според новите процени, боливиските залихи би ги надминале оние во Аргентина и во Чиле, проценети на 20 односно 11 милиони метрички тони.