Калабрија ја пустошат пожари, метеоролозите предупредуваат на нов раст на температурите

Пожарникарите во неделата се бореа со шумските пожари во јужниот италијански регион Калабрија, додека метеоролозите предупредуваа дека температурите ширум земјата повторно ќе се зголемат во наредните денови.

Пожарите горат во шумите и вегетацијата низ најјужниот континентален регион на Италија. Минатата седмица таму температурите беа над 40 Целзиусови степени.

Поради пожарот, повикано е засилување од Кампанија и Лацио, како и од сицилијанскиот град Месина.

Топлотниот бран го погоди југот на Европа за време на шпицот на туристичката сезона, соборувајќи ги температурните рекорди. На грчкиот остров Родос, шумски пожар принуди илјадници туристи да се евакуираат, а жителите да се засолнат во училиштата и салите.

Метеоролозите предупредуваат дека во понеделник на југот на Италија, островите Сицилија и Сардинија ќе пристигнат екстремни горештини до 48 степени, по што температурата ќе се спушти на нормалното летно ниво.

Италија е една од европските земји најпогодени од климатските промени. Во мај, пак, земјата беше погодена од разорни поплави.

Северните делови на Италија, исто така, беа погодени од екстремни временски услови во последните денови. Во вториот по големина италијански град Милано се појави торнадо, а североисточниот дел на земјата го зафати град и силни ветрови.

„Нашата клима станува се потропска, менува сè и има директно влијание врз економијата“, изјави министерот за економија Жилберто Пичето за весникот La Repubblica.