Најмалку 13 лица, од кои девет се деца, убил војник во источниот дел од Демократска Република Конг отворајќи оган врз лицата кои присуствувале на погребот на неговото починато дете, соопштија во неделата локалните власти и војската.
Трагедијата се случила во саботата вечерта во селото Нјакова на брегот на езерото Алберт во источната конгоанска провинција Итури, пренесува агенцијата Reuters.
„Војникот отворил оган врз сите околу него. Десетина луѓе загинаа“, изјавил по телефон за Reuters Жил Нгонго, портпаролот на воените единици во провинцијата Итури.
Додал дека војската трага по војникот, припадник на конгоанската морнарица, кој избегал по инцидентот, а исто така е отворена и истрага.
Локалниот челник Оскар Барака Мугава потврдил дека биле убиени 13 луѓе, меѓу кои девет се деца.
Засега не е јасно што го навело војникот на отвори оган на погребот на неговото дете. Според Мугава, војникот чиј идентитет не е објавен, претходно изразувал стравување дека неговото дете ќе биде погребано без негово присуство.