Поевтини ски карти за 30 отсто ќе добијат студентите од сите универзитети во ски центарот „Заре Лазаревски“ во Маврово, а за тоа ќе биде потребно да приложат индекс или студентска легитимација, најави денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Станува збор за иницијатива на раководството на „Заре Лазаревски“.
„Ова е одлична можност за сите граѓани и љубители на белиот спорт со статус на студенти, кои веќе одлучиле зимскиот одмор или некој од викендите да го поминат токму во Маврово. И за оние кои се уште не одлучиле, понудата е интересна и атрактивна за да се рекреираат, да се дружат и забавуваат на една од нашите најубави планини Бистра, притоа заштедувајќи средства“, рече Ристовски.
Управителот на ски центарот „Заре Лазаревски“ Огњан Циговски рече дека годинава една од нивните поголеми целни групи се околу 60 илјади студенти.
„Оваа година се продадоа околу 490 годишни ски карти од 10 илјади денари, кои се покажаа атрактивни. Годинава имаме друга промотивна карта-студентската ски карта која во високата сезона ако чинела 1.100, сега ќе биде 800 денари. Во ниската сезона по 20 јануари, од понеделник до петок ќе чини 650 денари“, рече Циговски.
Тој нагласи дека ќе има промотивна карта и за средношколците. Сите лица над 65 години во Маврово скијаат бесплатно.