Оскудната понуда и кинеските поттикнувања ја кренаа нафтата на 82 долари

Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари во понеделникот на 82 долари за барел, имајќи предвид дека намаленото снабдување и кинеските најави за поттикнувачки мерки за стопанството го поттурнаа во втор план очекувањето за кревање на клучните каматни стапки во САД и во еврозоната.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше повисока за 91 цент во однос на затворњето на тргувањето на крајот од минатата седмица и изнесуваше 81,98 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по 1,05 долари повисока цена од затворањето на претходниот трговски ден – петокот, од 78,12 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтната кошница нафта на нејзините членки во петокот поскапел за 71 цент, на 81,99 долари.

Растот на цените на нафтата е одраз на сѐ пооскудната понуда, имајќи го предвид намаленото саудиско производство на дневно ниво и истовремено благото зајакнување на сезонската летна побарувачка на бензини и млазни горива, се појаснува во белешката за коминтентите на аналитичарите во „Citi Research“.

Покрај намалената понуда, аналитичарите ги истакнуваат и новите кинески поттикнувања за стопанстото кои го потиснаа во заден план очекуваното поддигнување на клучните каматни стапки во САД и во еврозоната.

Кинеската државна агенција за економски планирања ги претстави во понеделникот мерките коишто би требало да ги поттинат приватните вложувања во инфраструктурата и додаде дека ќе ја зајакне и финансиската поддршка за приватните проекти. Учесниците на пазарите очекуваат Пекинг да ги употреби целените мерки за да го поддржи потклекнатото стопанство, што веројатно ќе ја зголеми побарувачката на нафтата.

Инвеститорите веќе ја пресметаа во цените процената дека американската централна банка Federal Reserve (Fed) и Европската централна банка (ECB) на седниците подоцна оваа седмица ќе ги зголемат каматните стапки за четвртина процентен поен. Подигнатите трошоци за задолжувањето веќе ги закочија вложувањата и го зајакнаа американскиот долар, што ја поскапува нафтата за купувачите со други валути и ја кочи побарувачката.

„Цените, би можело, краткорочно да осцилираат поради уште едно кревање на каматните стапки на Fed оваа седмица, но очекуваме помала понуда поради намалувањето на производството во OPEC и зајакнатата шпекулација на пазарот дека новите кинески поттикнувања ќе го поддржуваат нивниот раст и во третиот квартал“, пишуваат аналитичарите на „National Australian Bank“.