Учениците за првпат ќе имаат и пролетен распуст, а школската година ќе заврши на 17 јуни

На денешната седница, Владата, на предлог на Министерството за образование и наука, одлучи учебната година да почне на 1 септември, а првото полугодие да заврши на 29 декември 2023 година.

Од 30 декември учениците ќе користат зимски одмор, а второто полугодие почнува на 22 јануари.

Во периодот од 29 април до 5 мај 2024 година, учениците ќе бидат на пролетен распуст. Учебната година ќе трае до 17 јуни, а летниот одмор почнува на 18 јуни и завршува на 31 август 2024 година.

-Првпат во македонското образование, со владина одлука се воведува пролетен распуст за учениците во основното и во средното образование, потврди за Мета.мк министерот за образование, Јетон Шаќири. Тој вели дека пролетниот распуст е за сите, односно и за наставниците и останатите вработени, кои нема да одат на работа во тие седум дена.

„Со ова, ќе им се овозможи на учениците да имаат пролетен распуст по примерот на европските држави. Инаку, учебната година започнува на 1 септември. Првото полугодие ќе трае до 30 декември. Второто полугодие, пак, започнува на 22 јануари и учебната година завршува на 17 јуни“, објасни министерот Шаќири по денешната владина седница на која бил изгласан предлогот.