Мицкоски ветува 46 милиони евра капитални инвестиции за Битола во првите сто дена од новата влада

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Тера телевизија истакна дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за 4 годишен мандат ќе вложи 46 милиони евра за Битола, додека пак за ветениот проект, спортскиот комплекс, процесот ќе започне уште во првите 100 дена од владата.

Мицкоски потенцираше дека следната влада многу повеќе ќе направи од било која друга која во Македонија постоела за Битола и битолчани, како и тоа дека ниедна партија нема да може да седне со ВМРО-ДПМНЕ да разговара ако не прифати коалициски договор годишно од централниот буџет да се реализираат на ниво на општините околу 250 милиони евра за капитални проекти.

– Но, под услов предвидениот буџет во тековната година да биде 100% исполнет. Ако е натфрлен и средствата ќе бидат натфрлени, ако потфрли тога средствата ќе бидат помали. Да бидам прецизен, за Битола тоа значи 11,5 милиони евра само за проекти од централниот буџет. Давам збор дека и салата ќе биде направена, спортскиот комплекс, влезот од Прилеп и така натаму, се што беше ветувано. Само за една година се тие 11,5 милиони, за две се 34, за 4 годишен мандат тоа се 46 милиони евра за капитални проекти во Битола.

Toj истакна дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да се занимава со политиканство, туку ќе соработува со сите општини, пари ќе има за сите општини, а не како сега кога СДС ја кочи работата на Тони Коњановски.

– Градоначалникот Коњановски покажа огромен квалитет споредено со неговата претходничка која беше градоначалник на Битола, но истовремено нејзиниот мандат беше паралелен со владата на СДС, додека во случајот кај Коњановски е обратно, наместо партнер кај владата, тој има противник кој не бира средства да го закочи развојот на Битола, проектите и работата, мислејќи дека на тој начин, ќе стане градоначалник кој не успеал да реализира проекти и од друга страна тое да добијат политички бенефит на следните парламентарни избори, изјави тој.

Мицкоски посочи дека и покрај тие опструкции Тони Коњановски покажа навистина исклучителна храброст, амбиција и на дневна основа се реализираат проекти.

– Јас сум убеден дека до ова денеска што е реализирано граѓаните во Битола се многу задоволни. Убеден сум дека до крајот на мандатот на Коњановски, сето она кое беше ветено во кампањата во 2021 или ќе биде реализирано или започнато со реализација. Тука се и оние големи проекти како спортската сала, влезот од Прилеп, влезот од Ресен, нови училишта, градинки, нагласи Мицкоски.