Сквернавењата на Куранот ја влошиле безбедносната состојба во Шведска

Трите сквернавења на свветата муслиманска книга Куранот од почетокот на годинава на настани кои ги одобрија шведските судови и органите на редото, последните денови создадоа зголемен безбедносен ризик во земјата, предупреди во средата службата за безбедност Säkerhetspolisen..

„Нашата процена вели дека палењето на Куранот ја влоши безбедносната состојба во земјата“, соопшти агенцијата.

Поради палењето на Куранот во Шведска и во соседна Данска, кое го организираа исламофобични групи, во неколку муслимански земји имаше гневни протести, особено во Ирак, кој поради тоа го протера шведскиот амбасадор. Демонстрантите минатата седмица дури и упаднаа во шведската амбасада во Багдад и ја попалија.

Безбедносната агенција Säkerhetspolisen предупредува дека репутацијата на Шведска како толерантна земја е доведена во прашање поради акциите со сквернавење на Куранот.

„Шведска сега се смета за непријателска кон исламот и муслиманите. Ова ја вклучува перцепцијата дека нападите врз муслиманите се толерираат, како и дека муслиманските деца се грабнуваат од страна на социјалните служби“, истакнува шведската служба.

Ова, се додава во соопштението, ја зголемува опасноста од закани од поединечни лица во насилно, исламистичко опкружување.

Агенцијата предупредува дека шведските безбедносни служби често се справуваат со закани насочени против шведските граѓани и шведските интереси во странство. Предупредувањето на тероризам, сепак, останува на третото од можните пет нивоа, но заканата редовно се проценува.