
Министерот за здравство Фатмир Меџити, во „Summer Click“ на ТВ21, најави нова динамика во изградба и реновирање на здравствени установи, како и откочување на децениски заглавените проекти, како што се болниците во Штип и Кичево.
Министерот во интервјуто говореше дека фокусот на неговиот мандат е оживување на регионалните клинички центри како и завршување на изградбите на новите болници во Штип и Кичево.
-Имаме и концепт, да имаме регионален центар во Тетово, меѓу Тетово и Гостивар, еден меѓу Струга и Охрид. Да се доврши сегашната штипска болница и да се заврши изградбата на кичевската болница, да се реновира болницата во Куманово. Потребно е комплетно реновирање и на болницата во Битола. Ова се големи капитални инвестиции, имаме неколку опции и за самофинансирање има и заинтересираните страни, кои се многу сериозни меѓународни компании, рече министерот за здравство.
Додаде дека изградба на нов Клинички центар во Скопје е повеќе од потребен, што не може да биде само ветување кое нема да се реализира, туку е стратешки објект на државата, каде ќе се добива интегрирана медицинска експертиза, на пациентите да им се овозможи лесен пристап до сите здравствени услуги, а на медициснкиот персонал современи услови за работа.
Министерот посочи дека нема да дозволи да се повторуваат сценаријата од минатите години, а изградба на нов Клинички центар да биде само ветување. Најави усогласување на идеи и размислувања на сите општетствени, експертски, па и политички чинители во државата.