Се зголемува ДДВ од 5% на 10 % на прехранбените производи што не се сметаат за основи

Листата производи за кои е предвидено данокот да се зголеми од 5 на 10%, веќе е доставена до стопанските комори на увид, а во наредните денови ќе се најде и на веб сајтот на министерството за финансии, па ќе може да ја види целата јавност.

Околу 1 500 производи ќе се продаваат со повисоко ДДВ, најави премиерот Ковачевски.

„Со оглед на тоа дека голем број на производи кои што се од луксузен карактер беа ставени со даночна стапка од пет проценти, како на пример најскапи видови морска храна, одредени видови скапи сирења кои што се носат од Франција, од Италија, и тн, се одлучи дека треба да се прошири даночната база. Односно, тие производи да не бидат на повластена стапка од пет проценти, туку на десет проценти, што е повторно повластена даночна стапка бидејќи основната стапка на ДДВ кај нас е 18%.“ кажа Димитар Ковачевски, претседател на влада.

Коморите пак тврдат дека листата сѐ уште не ја добиле. Од ССК велат дека се загрижени кои производи ќе се најдат на листата, бидејќи за нив тоа ќе значи и зголемени трошоци, а за граѓаните и повисоки цени. Апелираат, листата што поскоро да им биде доставена.

„Апсолутно дека има загриженост, сакаме тие информации да ги споделиме со нашите членки, и тоа многу ќе влијае на нашето функционирање, за да го видиме тоа зголемување на даноците, тоа ќе рефлектира во трошоците а секако и во однос на менување на некои цени. Многу сме заинтересирани за оваа тема и еве апелирам да ги добиеме тие списоци што поскоро за да видиме кои производи ќе имаат повисоко ДДВ.“ кажа Горан Ѓорѓиевски, ССК.

Во собранието е последен ден за амандманска расправа за даночната измена. Пратениците само, дадоа зелено светло пелетите, печките и котлите на пелети да останат со повластена стапка од 5 отсто. Со измените во ДДВ-то, се предвидува и од 18 на 5% да се намали данокот за менструалните производи како и дигиталните учебници.