Крилниот напаѓач на Челзи, 22-годишниот Калум Хадсон-Одои е на излезна врата од тимот на лондоските „Сини“, а кариерата треба да ја продолжи во Фулам, пренесуваат медиумите на Островот.
Медиумите шпекулираат дека Хадсон-Одои би можел да се пресели од „Стенфорд Бриџ“ на „Крејвен Котиџ“ за нешто повеќе од пет милиони евра.
Договорот на младиот крилен напаѓач истекува следното лето и за Челзи постои опасност да го напушти клубот без обештетување. Новиот менаџер на Челзи, Маурисио Покетино не смета на неговите услуги, а клубот сака да се ослободи од неговата неделна плата која е околу 150.000 евра.
Интересно, пред три сезони Баерн покажа голем интерес за Хадсон-Одои и понуди 80 милиони евра, но Челзи ја одби понудата на германскиот гигант, означувајќи го играчот како важен за иднината на клубот.
Во март 2019 година Хадсон-Одои го имаше своето деби за репрезентацијата на Англија на натпреварот со Чешка, станувајќи најмладиот играч кој некогаш дебитирал во натпреварувачки меч за „Гордиот Албион“ со 18 години и 135 дена, со што за 40 дена го собори рекордот кој го држеше Данкан Едвардс од 1955 година.
Сепак, во годините што следеа Хадсон-Одои остана без место во редовите на Челзи и англиската селекција а минатата сезона ја мина на позајмица во Баер Леверкузен каде впиша 14 настапи. За репрезентацијата досега има забележано три настапа.