Земјотресот во Турција и Сирија предизвика штета од 40 милијарди долари

Земјотресот во Турција и Сирија предизвика штети од 40 милијарди долари, со што износот во првата половина од годината е значително над десетгодишниот просек, покажуваат пресметките на германскиот реосигурител „Munich Re“.

Во земјотресот загинаа околу 58.000 луѓе, а материјалните штети беа најголемата ставка во вкупниот износ на осигурени и неосигурени загуби во првите шест месеци, кој достигна 110 милијарди долари, открива „Munich Re“ во извештајот објавен во четвртокот.

Вкупниот износ на штетата е за 10 милијарди долари помал во однос на првата половина од минатата година, но е далеку над 10-годишниот просек од 98 милијарди долари.

Низата силни грмотевици во САД донесоа разорни торнада и град што резултираше со 35 милијарди долари осигурени и неосигурени загуби, според германскиот реосигурител.

Вкупната осигурена загуба во првата половина од годинава изнесува 43 милијарди долари и е помала за 4 милијарди долари во однос на првата половина од минатата година, но го надмина и просекот за последните 10 години, кој изнесува 34 милијарди долари.

Во Турција осигурувањето покрива само пет милијарди долари штета од земјотреси, а во САД 25 милијарди долари штета од бури, според „Munich Re“.

Реосигурителот предупредува и на последиците од климатските промени, истакнувајќи дека првата половина од годината ја одбележаа рекордни температури во многу делови од светот.

Иако временскиот феномен Ел Нињо игра значајна улога, главната причина за зголемувањето на температурите на водата и воздухот ширум светот се сепак климатските промени, а резултатот се честите катастрофални временски настани и финансискиот товар, предупредува експертот за климата од „Munich Re“, Ернст Раух.