Беровско Русиново подготвено за Илинденски видувања – Вршник 2023

Во беровското село Русиново по пауза од неколку години се возобновува манифестацијата Илинденски видувања – Вршник 2023. Настанот како што велат од организациониот одбор ќе се одржи „На Мегдане„ во село Русиново почнувајки од 1 август, а завршувајки со концерт на Некст Тајм на Илинден. Традицијата за Илинденски видувања – Вршник, како што додаваат организаторите датира од 70-тите години од минатиот век, се со цел заедничко одбележување на македонскиот национален празник Илинден, објавува Делчево.мк.

-Во село Русиново постои долга традиција на општонародна прослава за Илинден која влече корени уште од 70-тите години каде со збратименото Смилево, (родното место на Дамјан Груев) заеднички се одбележувал Илинден како најголем Македонски национален празник. Традицијата покасно во 90-тите е прекината, за да во 2009 година се одржи манифестацијата Вршник во организација на Општина Берово заедно со мештаните од Русиново. Со оваа чествување на Илинден се продолжува долгата традиција, која се надеваме дека во иднина ќе биде континуирана, истакнаа од организациониот одбор.

Главна карактеристика на настанот ќе биде подготовката на традиционална Русинска и Малешевска локална храна и печење под Вршник.

-Традиционалната храна ќе биде изложена за дегустација, а собраните средства од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели за луѓе од Русиново. Од подготовката на традиционална храна ќе издвоиме подготовка на зелник, попарник, баница, јагне и тавче сето тоа под вршник, потоа разни други специјалитети како грав во грне, ориз со црева и дроб, качамак со масло, клиси и ребра во тава, варен компир во котле, теганици, баклава и друга храна карактеристична за овој крај, додадоа организаторите.

Во рамки на настанот и дводневната програма ќе настапат повеќе музички звезди со настап на музичари по потекло од Русиново, а главни звезди на вечерта на 2 август ќе бидат групата Некст Тајм. Настанот е поддржан од компанијата Зегин и здружението „Малешевци за Малешевијата“ кои упатувајки го слоганот „Русинци за Илинден каде и да сте дома да сте“ упатија отворена покана до сите Малешевци да присуствуваат на Илинденски видувања Вршник 2023 и да бидат дел од традицијата која е препознатлива за секој еден човек по потекло од Малешевијата.

Повеќе за настанот во продолжение:

АГЕНДА – 01.08.23 Вторник

19:00 часот – Отварање на прославата со најава на програма и читање на спонзори

19:20 часот – Малешевски мерак со Златко Мадевски и Душко Ѓорѓиевски + Драги Полизовски + Анета Арсовска + Методи Столески

02.08. – Среда – ИЛИНДЕН

13:00 часот – Припрема на традиционална локална храна и печење под ВРШНИК . (традиционална Русинска и Малешевска храна)

14:00 часот – Најава на свечениот дел од манифестацијата

Отворање на вториот ден на прославата со најава за спремањето на традиционална Русинска и Малешевска храна и печење под ВРШНИК, (читање на спонзори и помагатели)

Традиционално чествување на Големиот Македонски православен и НАЦИОНАЛЕН празник во револуционерно Русиново

Русиново го чествува ИЛИНДЕН во чест на двајца револуционери – ИЛИНДЕНЦИ – Никола Петров – Русински кој е дел од првата чета на ТМРО и Дамјан Груев основач и еден од најистакнатите членови на МРО.

Нивната борба е наш долг за Македонија.

Воедно го славиме и Христијанскиот празник Свети Пророк Илија – ИЛИНДЕН

Во Русиново постои долга традиција на општонародна прослава за ИЛИНДЕН која влече корени уште од 70-тите години каде со збратименото СМИЛЕВО (родното место на Дамјан Груев) заеднички се одбележувал ИЛИНДЕН како најголем Македонски национален празник.

Традицијата покасно во 90тите е прекината за да во 2009 година се одржи манифестацијата ВРШНИК во организација на Општина Берово заедно со мештаните од Русиново.

Со оваа чествување на ИЛИНДЕН како што велат организаторите се продолжува долгата традиција, која се надеваат дека во иднина ќе биде континуирана.

ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ИЛИНДЕН МАКЕДОНЦИ

Ова е дел од нивната најава за Илинденски видувања – Вршник 2023

Најава за припрема на традиционална локална храна и печење под ВРШНИК (традиционална Русинска и Малешевска храна)
(Нешто мириса на убаво и вкусно) Од вредните раце на Русинските домаќинки во моментот се спремаат повеќе видови вкусна традиционална Малешевска храна и печење на зелник, попарник, баница и други јадења под ВРШНИК . . .

Со нетрпение чекаме да ги вкусиме и пробаме . . .

14:15 часот – Малешевски мерак со Златко Мадевски и Душко Ѓорѓиевски + Драги Полизовски + Андријана Ацевска КЕШ + Раде Младеновски

Драги Полизовски – успешен музичар и докажан виртуоз на народни инструменти – РУСИНЕЦ

Драги е роден на 04.07.1981 год. од Русиново. Има завршено Средно Музичко училиште во Штип, а има дипломирано на Факултетот за музичка академија во Скопје – отсек теорија на музика и изведувач на народни инструменти. Изведувач е на 10 музички инструменти, а најпрепознатлив е по кавалот.

Има работено како изведувач на народни инструменти во оркестарот на народни инструменти при МРТВ. Ја има претставувано нашата Република на Балканот, во Јапонија, Русија, Катар и во повеќе земји во Европа.

Има настапувано на многу фестивали и соработува со многу пејачи од естрадата. Во последните 10 години е дел од реномираната музичка група Play band.

м-р. Златко Мадевски – успешен и докажан виртуоз на хармоника – РУСИНЕЦ

– Завршува основно музичко образование во Струмица,

Средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ Скопје,

Факултет за Музичка Уметност во Скопје одсек хармоника,

Постдипломски студии на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје одсек хармоника

Со педагошка дејност започнува од 2004 год. во Основно Музичко Училиште, од 2007 година е доцент на Факулетот за Музичка уметност во Скопје. Од 2017 година е унапреден во вонреден, а од 2023 год. – како редовен профеосор на Факулетот за Музичка уметност во Скопје каде ја остварува својата креативност, творечка и уметничка дејност со своите студенти на инструментот хармоника, камерна музика и ансамбл.

Во текот на студирањето зема учество на повеќе интернационални и државни натпревари каде освојува голем број награди. Има одржано повеке солистички концерти низ Македонија како солист и со своите студенти.

Исто така предводник е и на новоформираниот музички бенд МАЛЕШЕВСКИ МЕРАК кој ќе го проследиме во продолжение.

14:30 часот – Изложување, презентација и продажба (со хуманитарен карактер) на подготвена локална традиционална храна

Презентација на традиционални Русинска и Малешевска храна подготвена на традиционален начин под ВРШНИК, која ќе биде изложена за дегустација, а собраните средства од продажбата ќе бидат наменети за хуманитарни цели за луѓе од РУСИНОВО.

-Зелник под вршник

-Попарник под вршник

-Баница под вршник

-Јагне под вршник

-Тавче под вршник

-Боб (грав) во грне

-Јагне под вршник

-Ориз со црева и дроб

-Кашамак со масло

-Клиси и ребра во тава

-Варен компир во котле

-Теганици

-Баклава

17:30 часот – Генерална и тонска проба на бендот NEXT TIME

18:30 часот – Детска музичка програма со изведба на песни за деца

Од детскиот фестувал Поточиња ќе се претстави Искра Николов која веќе пет години активно настапува од кои четири како вокал. За најмладите таа ќе ги испее песничките од фестивалот на кој учествува.

Музиката и аранжманот на песничката е на Мирослав Пап а текстот е на Оливе Пап Искра Николов -Симпатија

Музиката и аранжманот на песничката е на Мирослав Пап а текстот е на Леон Пап

Искра Николов-Светот е за сите нас.

Малешевско Ѕвонче (настап на дечиња кои настапиле во претходните изданија на фестивалот)

Текстот и музиката на песничките е на Блаже Буровски, а аранжманот е на Маријан Стоименов и истите се испеана на претходните изданиа на фестивалот за детски песни „Малешевско ѕвонче“ во Берово.

Илина Буровска – „Една песна весела“

Илина Буровска – „Низ Македонија“

Текстот на песничките е на Јулија Димитриевка, а музиката е на Дарко Димитриевски и истите се испеана на ланскиот фестивал за детски песни „Малешевско ѕвонче“ во Берово.

Антонија Цветковска – „За мојата мајка“

Тамара Станковска – „Мојата другарка верна“

Димитар Парасков – „Љубов да те наречам“

19:00 часот – Настап на Фолклорен Ансанбал „ЗЛЕВСКИ БИСЕРИ“

Фолклорниот ансамбл „Злевски бисери“ од село Злеово е формиран во 2006 година, најпрвин како голклорна секција при ООУ „Орце Николов“ а потоа продолжува да работи како фолклорен ансамбл. Ансамблот брои околу 70 членови распоредени во две групи. Фолклорниот ансамбл „Злевски бисери“ од село Злеово за својата работа има добиено многубројни награди и признанијаво државата и надвор од неа, како во Србија, Бугатија и Турција.

19:30 часот – Продолжува со – Малешевски мерак со Златко Мадевски, Душко Ѓорѓиевски + Драги Полизовски + Андријана Ацевска КЕШ + Раде Младеновски

22:30 часот – Настап на бендот NEXT TIME

01:00 часот – Свечено затварање на манифестацијата со огномет

Главен спонзор на возобновената манифестација е ЗЕГИН и здружението „Малешевци за Малешевијата“ кои по повод претстојниот Илинден ја упатија пораката Малешевци и Русинци, каде и да сте за Илинден дома да сте“.