Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за денар, а цената на дизел горивата се зголемува за два денара, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,12 отсто.
Според тоа, новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 85,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 87,5, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 76,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 75,5 денари за литар. За 1,204 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и таа ќе изнесува 43,542 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка, бележат зголемување кај бензините во просек за 1,79 отсто, кај дизелот за 3,634, кај екстра лесното масло за 3,668 и кај мазутот за 3,143 отсто.
Курсот на денарот во однос на доларот, по кој беа формирани цените со претходната пресметка, е повисок за 0,422 отсто.