Израелскиот Врховен суд ја разгледува владината правосудна реформа

Израелскиот Врховен суд во четвртокот го започна сослушувањето за првата во низата жалби на правосудните реформи кои ги спроведува владата на премиерот Бенјамин Нетанјхау којашто ја сочинува десна коалиција и која предизвика внатрешна криза без преседан во историјата на државата.

Со амандман на „основниот закон“ во март израелската влада ги ограничи условите под коишто прмиерот може да биде прогласен за неспособен и да биде остранет од должноста. Подносителите на тужбата, кои ја имаат поддршката на главниот обвинител, сакаат повлекување на овој амандан, тврдејќи дека парламентот ги злоупотребил своите овластувања со тоа што лично го прилагодил за Бенјамин Нетанјаху на кој одвоено му се суди во предмет за корупција.

Заговорниците на споменатата мерка, пак, тврдат дека со неа демократскиот избран премиер се заштитува од непримерно соборување од власт.

Случајот ги спротистави Врховниот суд и израелскиот парламент Кнесетот, двете институции чии седишта се близу едно до друго во Ерусалим. Во просторот меѓу нив во четвртокот во текот на сослушувањето се собраа маса луѓе.

„Не е тајна дека нашиот премиер реши да започне војна против Врховниот суд и карактерот на Израел како демократија, а ние излеговме на улиците за да го спречиме тоа“, изјави опозициската политичарка и поранешна министерка за надворешни работи Ципи Ливни.

Поддржувачите на Нетанјхау, најдолговечниот израелски премиер кој рекордниот шести мандат го презема кон крајот на ланскиот декември, истакнаа дека овие жалба и претставки се потсетници дека неизбраните судии се мешаат во мандатот на демократски избраната владејачка коалиција.

„Сакаме правда и вистинска демократија. Нашиот глас повеќе не важи, бидејќи за сите нас одлучуваат 15 судии“, изјави правничката Иска Бина, поборничка на амандманот.

Во септември првпат во Израел ќе се состанат сите 15 судии на Врховниот суд за да ја сослушаат претставката за уште еден амандман кој ги ограничува нивните овластувања. Критичарите на правосудните реформи тврдат дека оваа институција е последниот браник од самоволието на извршната власт.

На почетокот на јануари, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху најави судска реформа која ќе ги намали овластувањата на судиите на Врховниот суд во корист на демократски избраните носители на законодавната и извршната власт и ќе го намали нивното влијание врз изборот на идните судии. Од друга страна, десетици илјади Израелци се собираат во градовите низ земјата секоја седмица, обично во сабота навечер, за да го критикуваат нацрт-законот и националистичко-религиозната коалициска влада што Нетанјаху ја состави во декември.

Израел нема устав, а улогата на уставот ја игра Декларацијата за независност и низа основни закони. Многумина во израелското општество, вклучително и претседателот на земјата Исак Херцог, ги повикаа спротивставените страни да постигнат компромис и побараа од коалицијата да ги омекне своите првични предлози. На крајот на минатиот месец, владата попушти под притисок и го стави во мирување планот за реформи во правосудството, давајќи време за дополнителни консултации.

Владата на Натанјаху, во којашто партиципираат и припадниците на ортодоксните Евреи и екстремната десница, тврди дека реформата за којашто парламентот Ксенетот би требало да гласа, е неопходна за да се урамнотежат гранките на власта, бидејќи Врховниот суд си презема премногу интервенции.

Критичарите на реформата, пак, тврдат дека Врховниот суд е клучен за зачувување на граѓанските права во земјата без устав и еднодомен парламент со кој доминира владата.