Прва жртва во невремето во Словенија, властите порачаа: Не ги напуштајте домовите!

Едно лице загина во поплавите во Камник на северот на Словенија, објавија медиумите.

Порталот Камник.инфо објави дека водата однела постар жител во атарот на населбата Бистричице.

Полицијата утринава соопшти дека пред куќа во месноста Камник е пронајдено тело на мештанин, но дека поради поплавите не можеле да излезат на местото на настанот.

Силниот дожд предизвика големи поплави во западна, северна и делови од централна Словенија, додека Агенцијата за животна средина (АРСО) го крена алармот на највисоко ниво бидејќи се очекуваат нови врнежи и поплави.

Податоците на АРСО покажуваат дека во делови од северна, северозападна и централна Словенија паднале над 100 милиметри дожд во рок од 24 часа, што е просечната месечна количина на врнежи.

Според прогнозата, се очекува дождот да продолжи да врне и во сабота, а за тие делови од земјава е издадено црвено предупредување бидејќи реките во некои делови се веќе излеани.

Во Коменда, северно од Љубљана, беше прогласена вонредна состојба поради поплавите, а од луѓето беше побарано да не ги напуштаат своите домови во Камник, каде што се затворени сите градинки, бидејќи сите патишта се блокирани, пренесе агенцијата СТА.

Луѓето мораа да бидат евакуирани од неколку делови на земјата, вклучително и долината Личница во општина Медводе северозападно од Љубљана.

Врнежите предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето и во северозападниот регион Горење.

Најлоша е состојбата во областа Шкофја Лока, во долините Селца и Пољана, кои се отсечени од светот поради поплавените патишта.

Во поширокото подрачје на Шкофја Лока поплавени се станбени, деловни и други објекти, а одрони им се закануваат на куќи и патишта.

Одрон во Требија оштети пожарникарско возило, а во Цирје се поплавени повеќе од 100 згради, меѓу кои и неколку деловни објекти, додека повеќето патишта беа непроодни.

Поплавите и свлечиштата блокираа и неколку патишта во западниот град Идрија, каде што луѓето се повикуваат да не ги напуштаат своите домови освен кога е потребно.

Дирекцијата за цивилна заштита и помош при катастрофи регистрираше повеќе од 1.000 инциденти поврзани со временските услови во рок од 12 часа низ Словенија, при што беа распоредени околу 170 противпожарни единици.

Во текот на ноќта пожарникарите испумпувале вода од поплавените згради, ги спасувале поплавените возила, ги отстранувале остатоците од под мостовите и обезбедувале одрони.

Луѓето се евакуираат

Луѓето беа евакуирани од најмалку три кампови. Многумина нашле засолниште на покривите, каде што чекаат да бидат евакуирани со хеликоптер.

Куќи беа поплавени, а патиштата беа блокирани и во други делови на Словенија, вклучително и во регионот Толмин и Корушка.

Најобилни врнежи се забележани од четвртокот од 16 часот до четири часот утринава на метеоролошките станици Пасја Раван северозападно од Љубљана со 182,7 милиметри на метар квадратен и Вогел и Рудно Поље на Алпите со над 170 милиметри.

Повеќе од 150 милиметри дожд е забележан на аеродромот во Љубљана.