Вучиќ во Бања Лука ги поддржа функционерите под санкциите на САД

Српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот отворено ги поддржа функционерите на босанските Срби кои се санкционирани од САД кои ги обвинува дека наводно го загрозуваат Дејтонскиот договор, порачувајќи им дека тие секогаш се добредојдени во Србија.

Претходно седмицава американското Министерство за финансии воведе санкции за четворица најблиски соработници на претседателот на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, односно за членката на колективното претседателство на Федерацијата БиХ, Жељка Цвијановиќ, за премиерот и претседателот на парламентот на Република Српска и за ентитескиот министер за правосудство.

Додик кој и претходно го обвинуваше Вашингтон дека ги поттикнува бошњачките власти во Сараево да преземаат мерки за укинување на Република Српска, тврди дека токму тоа е всушност кршење на Дејтонскиот договор за што всушност САД го обвинуваат него.

По седницата на Советот за соработка меѓу Србија и Република Српска во Бања Лука, Вучиќ изјави дека Србија ги почитува сите норми од Дејтонскиот договор со кој беше запрена војната од 1990-те години и БиХ како држава составена од два ентитета и три констутивни народи, но дека ги смета американските санкции за непримерени и незаслужени.

„Санкциите за нас не постојат, нема да ги применуваме и на ниеден начин нема да се согласиме со оние кои тие санкции ги воведуваа“, изјави Вучиќ за новинарите, додавајќи дека поради тоа очекува последици и за Србија.