ЛШ: ПСВ, Брага и Галатасарај со една нога во плеј-офот

Фудбалерите на холандски ПСВ, португалска Брага и турски Галатасарај направија голем чекор кон пласман во доигрувањето за групната фаза од Лигата на шампионите, со убедливи победи во првите натпревари од третото квалификациско коло.

ПСВ го совлада австриски Штурм од Грац со 4:1 на својот стадион „Филипс“ во Ајндховен, Брага како домаќин ја победи Бачка Топола со 3:0, додека Галатасарај со истиот резултат славеше на гостувањето кај Олимпија Љубљана.

Најзаслужен за победата на ПСВ беше двојниот стрелец Луук де Јонг (22, 32), а другите два гола ги постигнаа Исак Бабади (4) и Ибрахим Сангаре (73). Словенецот Јон Горенц Станкович донесе малку надеж во австрискиот тим со гол во 40. минута.

Галатасарај во Истанбул се враќа со три гола предност од стадионот „Стожице“, а можеше и со повеќе. Мухамед Керем Актуркоглу ја затресе мрежата во 9 минута, а тоа го направи и Дрис Мертенс во 48 минута. Белгиецот му намести погодок на Бардакчи во 57 минута, но ВАР технологијата одреди недозволена позиција. Сепак, во првата минута од судиското продолжение Халил Дервишоглу ги постигна конечните 3:0.

Со истиот резултат Брага го пречека српскиот претставник Бачка Топола. Стрелци во првото полувреме беа Брума во 17 и Пици во 19 минута, а во второто Алваро Џало во 87 минута за големите три гола предност.

Полскиот шампион Раков можеше да замине на реваншот во Лимасол со два гола предност која му ја донесоа Владислав Кочергин во 7 и Фабијан Пјасецки вп 63 минута од пенал, но во 89 минута Јужноафриканецот Михали Мајамбела му осигри минимален гостински пораз на тимот од Кипар (1:2), односно активен резултат пред вториот меч на свој терен.

Шампионот на Фарските Острови КИ од Клаксвик кој домашните натпревари во Лигата на шампионите ги игра во Торшавн, направи уште еден подвиг. Покрај обезбедувањето барем на групната фаза од Конференциската лига, КИ се доближи чекор поблиску до плеј-офот за Лигата на шампионите во вторникот со победата од 2:1 над норвешки Молде. Норвежаните поведоа во 49 минута со голот на Магнус Еикрем, а пресвртот го донесе Арни Фредериксберг со головите во 64 и 86 минута.

Копенхаген и Спарта одиграа натпревар без голови, па одлуката за тоа кој ќе оди во плеј-офот од Лигата на шампионите ќе се решава во Прага. Тимот што ќе биде елиминиран е можен ривал на Динамо Загреб во плеј-офот за пласман во групната фаза од Лигата на Европа, доколку хрватскиот шампион не успее преку грчки АЕК да се пласира во групната фаза од Лигата на шампионите.