Северна Кореја, една од најзатворените земји на светот, ги покани странските играчи на голф да учествуваат на аматерски трунир близу главниот град Пјонгјанг за да „развиваат пријателски односи“ со своите севернокорејски колеги.
Севернокорејските власти од почетокот на 2020 година воведоа строги рестриктивни мерки поради пандемијата на ковид-19, но последниот период има сѐ повеќе сигнали кои укажуваат на ублажување на контролите на границите. И поканата за странските голфери оди во тој правец.
Терените крај севернокорејската престолнина се домаќин на „натпреварувањето за аматерските играчи на голф во пролет и есен, а можат да учествуваат и странски аматери“, се наведува на веб-страницата на туристичката управа на Пјонгјанг.
Како уште еден сигнал за отворањето, Пекинг потврди дека Северна Кореја се пријавила за учество на Азиските игри, кои во септември ќе се одржат во Кина.
Ан Чан-Ил, пребег кој го води Светскиот институт за студии за Северна Кореја за AFP изјавил дека Пјонгјанг го „направи голфот важно средство за добивање странски валути“ и дури основал „оддел за голф“ на спортскот универзитет во главниот град.