Кина во јули влегла во дефлација, откако е објавено дека потрошувачките цени паднале првпат по февруари 2021 година, а производствените цени продолжиле да паѓаат десетти месец со ред, додека втората најголема според обемот светска економија се обидува да ја заживее домашната побарувачка.
Индексот на потрошувачките цени за јули паднал за 0,3 отсто на годишно ниво, објави во средата кинеското Националното биро за статистика (NBS), што е малку побавен пад од прогнозираниот пад од 0,4 отсто. Со тоа е забележан првиот годинешен пад на потрошувачките цени од февруари 2021 година.
Индексот на производствените цени, пак, паднал десетти месец со ред, и тоа за 4,4 отсто во однос на една година претходно, по 5,4-процентниот пад во претходниот месец јуни. Прогнозите укажуваа на пад од 4,1 отсто.
Кинеското економско закрепнување забави по силниот раст во првото тримесечје, откако ослабе побарувачката во земјата и странство. Властите воведоа низа мерки за поддршка на стопанството, а се очекуваат и дополнителни чекори во таа насока.
„И потрошувачките и производствените цени паднаа на годишно ниво и ја потврдија дефлацијата во економијата“, вели за Reuters Ксинг Жаопенг, виш стратег во ANZ.
Овие лоши показатели доаѓаат во периодот на зголемените стравувања дека Кина влегува во периодот на многу побавен економски раст, сличен на времето на јапонските „загубени децениии“ кога потрошувачките цени и платите стагнираа цела една генерација.
Падот на цените во Кина е во остар контраст со парализрачката инфлација којашто ја доживеаја другите големи светски економии, а што ги присили тамошните централни банки брзо да ги креваат каматните стапки. Меѓутоа, се јавуваат сигнали дека глобалната инфлација би можела да биде на својот врв, па во некои случаи и да се сврти во дефлација, како на пример во Бразил, десеттата по големина свеска економија, поради што тамошната централна банка минатата седмица ги намали каматните стапки.